КРИВИЧНИОТ СУД ПРАШУВА ЗОШТО АПЕЛАЦИЈА ГИ ЧУВА ПРЕДМЕТИТЕ ПОВЕЌЕ ОД ГОДИНА ЗА НА КРАЈ ДА ГИ УКИНЕ ПРЕСУДИТЕ ЗА ТЕХНИЧКИ ГРЕШКИ

    КРИВИЧНИОТ СУД ПРАШУВА ЗОШТО АПЕЛАЦИЈА ГИ ЧУВА ПРЕДМЕТИТЕ ПОВЕЌЕ ОД ГОДИНА ЗА НА КРАЈ ДА ГИ УКИНЕ ПРЕСУДИТЕ ЗА ТЕХНИЧКИ ГРЕШКИОд судењето за предметот „Организатори ан 27 април“ во Основниот кривичен суд Скопје. (Фото: СДК.МК)

    Апелациониот суд Скопје ја продолжи низата на враќање на пресудени високопрофилни случаи на повторно судење во Основниот кривичен суд Скопје, и според соопштенијата од двата суда, се отвори дилемата – дали навистина се толку нестручни судиите од Кривичен, или пак има злоупотреби кај нивните колеги од Апелација?

    Вчера, Апелациониот суд ги укина пресудите и во предметот „Организатори на 27 април“, а претходно тоа го стори со: „Тврдина-таргет“, „Трезор“, “Титаник 2“ „Тортура“ (во сите кај што е осуден Сашо Мијалков), а претходно го имаше вратено назад и предметот „Триста“ и други.

    Соопштенијата на Апелациониот суд Скопје за вратените неправосилни пресуди редовно се со забелешки за технички и суштествени грешки во постапката, кои не би ги направил ни студент по право. Од друга страна, според задоцнетото реагирање на Апелација, која првин со месеци и години ги чува високопрофилните случаи во фиока, па дури потоа одлучува да ги врати, излегуваат во право Кривичниот суд и Судскиот совет за три од овие случаи, дека во прашање е злоупотреба на судиската функција од некои поединци во повисокиот суд.

    Откако Апелациониот суд Скопје вчера го укина „Организатори на 27 април“, а министерот за правда Кренар Лога го повика Судскиот совет да види кои се тие судии во Кривичен што прават технички и суштествени повреди во постапката, нападнатата страна Основен Кривичен суд Скопје денеска преку соопштение праша зошто не одлучува Апелација веднаш дека е направена грешка, туку првин ги чува тие предмети да стареат?

    „Апелациониот суд Скопје можел брзо и мериторно да одлучи по жалбите на обвинетите лица, особено што причина за укинување на затворските казни е примената или непримената на Законот за амнестија, како што е наведено во нивното соопштение, без притоа да навлага во анализа на доказите и утврдување на фактичката состојба, особено што предметот повеќе од една година се наоѓал во нивно надлежно постапување. Ако причината за укинување на пресудата е од техничка природа, односно примена на Законот за амнестија, тогаш судот можел веднаш да одлучи, пред сè заради заштита на правата на обвинетите кои беа во притвор и под мерки, правата на оштетените кои се во исчекување на конечна одлука, но и заштита на самата постапка која може да застари. Мора да се има предвид дека со укинување на пресудата и нејзино враќање на повторно постапување, се прават дополнителни трошоци, одолговлекување и загрозување на правото за судење во разумен рок, кое е на штета на сите нас“, се сомнева Кривичниот суд во постапувањето на Скопска апелација.

    Во следната забелешка, Кривичниот суд обвинува уште подиректно.

    „Апелационите судии, место административно да ги враќаат предметите на докомплетирање или на повторно постапување и повеќе од една година да не постапуваат по нив, имаат законска можност, но и обврска, мериторно да одлучуваат. Со тоа ќе придонесат во неселективната борба со организираниот криминал, како и за брза и ефикасна правда, што е заложба на целата држава и предуслов за Европскиот напредок“, се наведува во соопштението.

    Понискиот суд потсетува дека сите високопрофилни предмети, без разлика на статусот на обвинетите, се водат во крајно транспарентна постапка со присуство на медиумите, невладините организации и претставниците на меѓународните организации кои ја следат и ценат работата на правосудните органи, додека во Апелација сè е тајно.

    „Транспарентноста е нешто што е признаено и пофалено како пример и од меѓународниот фактор, но и од домашната јавност, што пак не е пример при одлучување во повисоките судови. Па во тој правец, но и во однос на јавните коментари, пред сè од Министерот за правда, апелираме да се внимава со избрзаните, непроверени и штетни изјави кои не одат во правец на издигнување на судството и судиите и градење на респектабилна репутација во општеството, напротив ја деградираат независноста и непристрасноста. Зачудува што ваквите ‘добронамерни’ критики не доаѓаат во време кога судењата се одржуваат пред очите на јавноста, туку откако Апелациониот суд, повеќе од една година чекање, носи одлука.“, се сомнева Кривичниот суд.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира