Еден од најзначајните македонски политичари во поранешна Југославија, Крсте Црвенковски (1921-2001), денеска посмртно беше одликуван со Орден на Република Северна Македонија за неговите повеќедецениски напори за создавање македонска држава, поради што падна во немилост на некогашната комунистичка власт и целосно беше отстранет од јавниот и политичкиот живот.
„Црвенковски е првоборец и народен херој, а како долгогодишен член на највисокото политичко и државно раководство на републичко и сојузно ниво имал можност да ја преточи во дело неговата визија за Републиката како општо добро. Црвенковски се залагал за децентрализација на федерацијата и за почитување на легитимните интереси на републиките. Неговата улога во основањето на Македонската академија на науките и уметностите, развојот на Универзитетот ‘Св. Кирил и Методиј‘ и во возобновувањето на Македонската православна црква сведочи за неговата визија за македонска република со развиено образование и наука и со автономија на културниот и духовниот живот“, кажа претседателот Стево Пендаровски.
„Некаде во своите спомени, мојот татко запишал: ‘Кога тргнавме во партизани, бевме неподготвени, со парче леб во џебовите, па ја создадовме македонската држава. Никој не им ја подари Македонија на Македонците. Сами ја создадовме со разум, морал, пот, крв и жртви‘. Ова признание му значи многу на семејството, зашто го отпретавте неговото име од заборав. Ако Крсте на 20 години тргнал во војна и од неа излегле со создадена држава, ова нека биде завет за младите да веруваат во подобра иднина и да бидат оптимисти“, кажа ќерката на Црвенковски, Емилија Црвенковска, примајќи го орденот.
Црвенковски му пристапил на комунистичкото движење уште како гимназијалец, станувајќи член на СКОЈ во 1935, на 14 години. По окупацијата на Југославија во 1941 активно учествувал во подготовките на востанието и бил член, а потоа и политички комесар на прилепскиот партизански одред „Гоце Делчев“. Во 1942 бил затворен во Тирана, од каде што успеал да избега следната година, по што дејствувал во западна Македонија. Учествувал во борбите на Првата македонско-косовска бригада и во Февруарскиот поход, а за народен херој бил прогласен во 1953.
По војната ги извршувал највисоките раководни функции во Македонија и Југославија, стигнувајќи до позицијата потпретседател на Претседателството на СФРЈ во 1971. Тогаш почнува и неговата политичка дискредитација, откако се приклонил кон сè погласната либерална струја, залагајќи се за поголема самостојност на републиките.
Три години порано, Црвенковски одржал говор во македонското собрание за односите помеѓу Југославија и Бугарија, која во тоа време ги обновила своите аспирации кон Македонија и во него во голем дел се отсликуваат денешните случувања. За оваа тема зборува и тајниот документ на ЦИА од 1971 насловен „Македонски синдром“, кој стана јавен дури четири децении подоцна. Во 1970, Црвенковски беше дел од југословенската делегација која била на средба во Софија на која го одбила документот на бугарската власт во кој се тврди дека не постои македонска нација ниту јазик.
Во 1974, по завршувањето на неговиот мандат како член на Претседателството на СФРЈ, Црвенковски е пензиониран и до крајот на 1980-ите бил принуден да живее повлечено. По осамостојувањето на Македонија беше симболички рехабилитиран од првиот претседател Киро Глигоров и се врати во јавниот живот.
Неговиот син, режисерот Стево Црвенковски, кој почина во 2004, беше министер за надворешни работи од 1993-96 во критичните моменти на меѓународното признавање и афирмацијата на новата македонска држава, потоа беше советник на Глигоров и од 1997 амбасадор во Лондон.
Г. КОНЕВ