Премиерот Христијан Мицкоски вели дека уште некое време ќе има лица кои даваат информации за полициските акции, нарекувајќи ги кртови, но додаде дека тие ќе бидат пронајдени и ќе одговараат „како глувци“.
„Кртови ќе се појавуваат уште некое време, сѐ додека имаме рецидиви од седумгодишното управување со Владата и институциите на претходната Влада и претходната коалиција. Но тие кртови, ќе бидат пронајдени и извадени од дупките во коишто се кријат и како глувци ќе одговараат“, кажа Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање на настан во Клиниката за психијатрија.
Вчера беше приведен син на поранешен висок функционер на МВР, осомничен за оддавање службена тајна. Приведувањето е во врска со неодамнешната полициска акција во Арачиново, по која што беше почната истрага за 18 припадници на криминални банди.