ЛАНИ ДО ОБВИНИТЕЛСТВОТО ДОСТАВЕНИ СЕДУМ РЕВИЗОРСКИ ИЗВЕШТАИ ЗА НЕПРАВИЛНО ТРОШЕЊЕ БУЏЕТСКИ СРЕДСТВА, ОДГОВОР НЕМА

    ЛАНИ ДО ОБВИНИТЕЛСТВОТО ДОСТАВЕНИ СЕДУМ РЕВИЗОРСКИ ИЗВЕШТАИ ЗА НЕПРАВИЛНО ТРОШЕЊЕ БУЏЕТСКИ СРЕДСТВА, ОДГОВОР НЕМАОд презентацијата на вториот квартален извештај за работата на Државниот завод за ревизија, што го изготви Центарот за економски анализи. (Фото: СДК.МК)

    Државниот завод за ревизија лани доставил седум ревизорски извештаи до Јавното обвинителство и за нив се уште нема добиено одговор.
    „Ревизорските извештаи во кои се утврдени неправилности во финансиското работење и кои се доставени во обвинителството се однесуваат на работата на Општина Кочани, Министерството за економија, ЈП ‘Македонија пат’, Министерството за образование и Јавната установа Дом за стари лица Киро Крстевски-Платник од Прилеп“, стои во вториот квартален извештај за работата на ДЗР, што го изготви Центарот за економски анализи и Фондацијата за демократија Вестминстер, со финансиска поддршка од Британската амбасада.

    Александар Поповски, генерален секретар на Државниот завод за ревизија, рече дека конечниот ревизорски извештај за финансиското работење на некоја институција, покажува дали таа правилно работела, или има неправилности во работењето. Во зависност од неправилностите во работењето, односно ако се покрупни неправилности ДЗР извештајот го праќа и до надлежните органи кои можат да утврдат одговорност за неправилното работење.
    „Во вакви случаи најчесто станува збор за неправилно трошење на буџетските средства, неправилности во јавните набавки“, рече Поповски.

    Од Јавното обвинителство велат дека во текот на денот не можат да кажат дали и како постапиле по извештаите на ДЗР, бидејќи се повеќе извештаи и нив ги работат повеќе обвинителства. Информација рекоа дека ќе има следната недела.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира