На денешното судско рочиште за случајот „Тревник“, кај што е обвинет новинарот и бизнисмен Драган Павловиќ-Латас и неговите браќа Звездан и Срѓан за бесправна градба на три објекти во Зелениково, Латас не дојде. Го болело средното уво, кажа неговата одбрана, приложувајќи медицинска документација.
Според обвинението на СЈО, браќата Павловиќ се обвинети дека куќите почнале да си ги градат на диво во јули 2011 година, а дури во декември 2012 година поднеле барања за одобренија. Општина Зелениково им одобрила градба дури на 24 јануари 2013 година.
Тогаш трите објекти веќе биле изградени. Како што стои во обвинението, Латас незаконски изградил објект од 317 метри квадратни, Срѓан од 130, Звездан од 105 метри квадратни.
Судењето е презакажано за 29 март 2019 година.
На заминување, обвинителката од СЈО Елизабета Јосифовска застана на скалите, ја погледна зградата на Основниот суд Скопје 1 однадвор, па кажа: „Ова навистина е театар!“ и си замина незадоволна што судот постојано толерира развлекување на постапките што ги води СЈО.
С. К. ДЕЛЕВСКА