Драган Павловиќ – Латас побара Специјалното јавно обвинителство да му достави доказ кога и како се добиени снимките од разговорите кои денеска се пуштаа во судница за случајот „Тревник“ во кој тој е обвинет за нелегално градење. По слушањето на првата бомба во која Латас разговара со сопственикот на фирмата која ги градела викендиците во Зелениково, одбраната побара да им се каже како ги добиле бомбите.
„Со оглед на тоа дека ниту една разговорите не е јавно објавен, да ни се достави спецификација дека се примени од партијата СДСМ, да ни приложат доказ од примопредавање, со датум и печат“, рече новинарот и бизнисмен Латас.
Адвокатката на Латас Анита Бегова побара од судијката да се изземат разговорите оти од првиот се докажало дека во него нема ништо околу делото за кое е обвинет незаконска градба туку се слушнало како камионите се качувале на местото.
„Бидејќи имате 60.000 разговори од мојот клиент ајде сите да ги чуеме и да се запознае јавноста за животот и делото на Драган Павловиќ – Латас“, рече Бегова.
Овинителката Фатиме Фетаи рече дека ова барање е веќе елаборирано прашање со тоа што за законитоста се произнела и Апелација, а сега се во фаза на јавна расправа и дека со ова одбраната само го одолговлекува процесот.
Судот не ги прифати приговорите на одбраната зашто тоа било апсолворано при оценката на обвинителниот акт.
А. АНТЕВСКА