Со лажирање на книговодствената евиденција на фирмите ТОТАЛ МАРКЕТИНГ АГЕНЦИЈА ДООЕЛ Скопје, ТОТАЛ МАРКЕТИНГ ДООЕЛ Скопје, МЕДИАМАКС ДООЕЛ Скопје и ТОТАЛ МЕДИА ЦЕНТАР ДООЕЛ Скопје, нивниот сопственик и управител Драган Павловиќ – Латас избегнал да плати данок на државата во износ од 164 илјади евра. Овој финансиски криминал од страна на сопственикот на овие фирми, го обелодени денеска Специјалното јавно обвинителство, без да го именува осомничениот.
СЈО отворило истрага за даночно затајување, која ја именува „Тотал“, но нема побарано мерки против осомничениот Павловиќ. Според сомневањата, се работи за избегнување на данок во периодот од 2008 до 2015 година. Латас како управител на овие фирми, ја намалил основицата за пресметување данок на добивка, го злоупотребил правото на одбивка на ДДВ и не пријавил лични приходи, кои задолжително се пријавуваат согласно Законот за персонален данок од доход.
Поконкретно, обвинителката Фатиме Фетаи од СЈО објасни: „Постои основано сомнение дека осомничениот ги користел правните лица како параван и всушност набавката на опрема и услуги за себе, ги евидентирал како набавка за правните лица, иако три од нив воопшто немале вработени за вршење на дејноста и за користење на опремата која ја набавувал. Таквите средства во книговодството ги евидентирал како основни средства, опрема, тековни трошоци, со што ја намалил основицата за пресметување на данокот на добивка“.
Осомничениот како управител на наведените правни лица, преку овие правни лица вршел , всушност, набавки за себе лично, меѓу другото на: два душека „Меџик тач“ во вредност од 3.080 евра, рачен часовник „Брајтлинг“ 2.341 евра, персиски теписи во вредност од 4.635 евра, и други скапи предмети.
СЈО денеска соопшти дека отворило истрага и против Талевска, чија мајка има фирма – добитник на милионска сума тендер од Министерството за здравство, раководено од владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Истрагата е за даночно затајување, а е под кодно име „Тифани“. На ист начин како и колегата, односно нејзиниот претпоставен Драган Павловиќ – Латас, таа преку своите две фирми „Смарт Центар ДООЕЛ експорт-импорт Скопје и „Смарт Груп ДООЕЛ Скопје“, од 2008 до 2014 година, затаила данок кон државата во вкупен износ од 44.558 илјади евра.
И таа, лажирајќи во документите дека набавува стока за своите фирми, ја намалила даночната основа, го злоупотребила правото на одбивка на ДДВ и не пријавил лични приходи.
Од асортиманот наводно за фирмите, таа набавила: долна облека за 500 евра, облека, здолништа, чевли, ташни, ремени (33.508 евра), очила, шминки, пудри (1.009, евра), врвно дизајнирани и високо квалитетни кујнски садови и декоративни предмети од 4,672,00 евра, натаму, велосипеди од 520 евра, сигурносна врата 600 евра итн.
И за Ивона Талевска СЈО не побарало мерки за претпазливост, обезбедувње присуство или притвор.
С. К. ДЕЛЕВСКА