ЛЕКАРИ БАРААТ СУДОТ ДА ГО ОДЛОЖИ ИЗБОРОТ НА НОВО РАКОВОДСТВО ВО ЛЕКАРСКАТА КОМОРА

    ЛЕКАРИ БАРААТ СУДОТ ДА ГО ОДЛОЖИ ИЗБОРОТ НА НОВО РАКОВОДСТВО ВО ЛЕКАРСКАТА КОМОРАВо Прекршочниот суд има поднесено тужба од тројца лекари со која се бара да се одложат изборите и да се поништи новиот Статут на Лекарската комора.

    Тројца лекари бараат судот да донесе времена мерка со која ќе се одложат изборите за ново раководство на Лекарската комора, закажани за 6 април. Со тужба до Основен суд Скопје 2, тројца од сегашните делегати во Собранието на Лекарската комора бараат да се одложат изборите, и да се поништи новиот статут на комората, кој е донесен кон крајот на февруари годинава.
    Д-р Лилија Чолакова Дервишова, претседател на Здружението на приватни матични лекари и еден од делегатите кој бара судот да ги запре изборите, вели дека бараат изборите да се организираат по стариот статут, а новиот да се поништи бидејќи е донесен нелегитимно. Таа објаснува дека на Собранието оддржано на 23 февруари годинава за статутот гласале само 27 од вкупно 67 делегати, односно дека тој е донесен без потребното двотретинско мнозинство.

    „Во Собранието има 67 делегати, а на седницата беа присутни 42 делегати. На самото гласање за новиот статут гласаа само 27 делегати, односно тој е донесен без потребното двотретинско мнозинство. Како еден од основачите на лекарската комора не можев да го премолчам ова и заедно со уште двајца колеги поднесовме тужба до Основен Суд 2“, вели д-р Чолакова Дервишова.
    Таа објасни дека новиот статут е спорен од повеќе аспекти и смета дека со него еснафското здружение ќе ја изгуби својата улога да ги штити интересите на лекарите.
    „Со досегашниот статут на извршни и раководни места во Комората некој лекар можеше да биде најмногу два мандати. Со новиот сега е сменето тоа да биде неограничено. Со новиот статут определени се делегати и од приватните лекари, но само во Скопје. Тоа значи дека во скопје на едно место ќе се гласа за приватни лекари, кои ќе бидат делегати во општинските одбори и собранието, а на друго место лекарите од јавно здравство. Во другите делови од земјата листите за за приватни и лекари од јавно здравство се заеднички. Сметаме дека со тоа се прави дискриминација. Со новиот статут е предвидена рамноправна застапеност од 20 отсто според етничкото потекло. И ова не е во ред, бидејќи ова е еснафско здружение, и тука треба да не води професионалноста, а не политиката“, вели д-р Чолакова Дервишова.

    Таа објасни дека новодонесениот статут е нелегитимен, и затоа што на сегашниот состав на собранието на Комората веќе една година му е истечен мандатот.
    „Избори за членови на општински одбори, на Собрание и за претседател на Комората требаше да има лани во април, оти мандатот од четири години тогаш истече. Цела година овие тела функционираат со истечен мандат. Претходно пет години ништо не сработија и еден ден пред распуштање на собранието донесоа нов статут. Од друга страна Собрание со истечен мандат за да може да заседава Извршниот одбор на Комората треба да му го продолжи мандатот. Таква одлука не е донесена, не е воена состојба за да му го продолжуваме мандатот“, вели Чолакова Дервишова.

    Од Лекарската комора велат дека в четврток ќе има избори за делегати во општинските одбори и за членови на Собранието, а по верификување на нивните мандати Собранието ќе се состане и ќе избере претседател на Комората.
    „Изборите се закажани, во тек се подготовките и правно нема ништо спорно тие да се оддржат. Досега немаме добиено никаква одлука од судот“, велат од Лекарската комора на Македонија.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира