ЛЕКАРИТЕ МЕ ОТПИШАА, А ЈАС СЕГА ОБУЧУВАМ УЧИТЕЛКИ ДА РАБОТАТ СО ДЕЦА СО ПРЕЧКИ ВО РАЗВОЈОТ, ВЕЛИ НИНА ОД КАМПАЊАТА НА УНИЦЕФ

    ЛЕКАРИТЕ МЕ ОТПИШАА, А ЈАС СЕГА ОБУЧУВАМ УЧИТЕЛКИ ДА РАБОТАТ СО ДЕЦА СО ПРЕЧКИ ВО РАЗВОЈОТ, ВЕЛИ НИНА ОД КАМПАЊАТА НА УНИЦЕФГоворот со кој победи на ораторските вечери, Нина го почна со песната „Везилка“ од Блаже Конески и рече: „Дури и целиот свет да ви каже дека вашето дете е отпишано, не отпишувајте го никогаш, тоа ќе надокнади сè“.

    Нина Костовска од Тетово, која јавноста ја запозна преку видеото „Како ќе реагирате ако ве служи фармацевтски техничар со Даунов синдром?“ од кампањата на Европската Унија и УНИЦЕФ „Биди фер-за детство без пречки“, викендов обучуваше учителки и наставнички од Скопје, Штип и Битола како да постапуваат со дете со пречки во развојот.

    Таа е студент во четврта година на студиите по македонски јазик и литература, а минатата недела победи на ораторските вечери во организација на Универзитетот ФОН. Ќе држи уште една серија обуки за учителки од другите градови.

    НЕ СИ ГИ КРИЈТЕ ДЕЦАТА СО ДАУНОВ СИНДРОМ, ВЕЛИ НИНА, ДЕВОЈКАТА ОД КАМПАЊАТА НА УНИЦЕФ

    „Овој период ми е турбо. Победив на ораторските вечери и добив бесплатни постдипломски студии на Универзитетот ФОН . Сè уште не одлучив што ќе учам на постдипломските, бидејќи и немавме време ниту да разгледаме што нудат. Имам уште 13 испити до крај, а во оваа сесија пријавив четири и сега нив ги спремам. Во меѓувреме се јавија дали можам да ги држам обуките, што со задоволство прифатив. Деновиве не можам да се изнаспијам, за да одморам од сè што ми се случуваше, но не се жалам, сакам да направам сè што може“, вели Нина.

    Оваа девојка, чија насмевка ве освојува, говорот со кој победи на ораторските вечери, го почна со песната „Везилка“ од Блаже Конески, а потоа им се заблагодари на сите што ја поддржуваат борбата на лицата со пречки во развојот, кои сакаат да покажат дека можат многу повеќе отколку што се мисли за нив. Таа кажа дека кога се родила, лекарите им рекле на нејзините родители  дека за неа нема лек и дека е најдобро да ја отпишат.

    УНИЦЕФ СО ВИДЕО ПОКАЖА КАКО СЕ ДИСКРИМИНИРААТ ЛУЃЕТО СО ПОПРЕЧЕНОСТ ВО МАКЕДОНИЈА

    „Но, моите родители сакале да пробаат со еден стар лек. Место да ме отпишат, ме запишаа во редовно училиште. Јас секој ден го добивав лекот, а тој делуваше. Но, лекот мора да се зема секој ден, и јас го добивав сите осум години во основно училиште, четири години во средно. Мајка ми, татко ми, брат ми, ниеден ден не пропуштија да ми го дадат. Понекогаш на секој час, понекогаш секоја минута. И еве ме, четврта година на факултет. Без лекот навистина сè е изгубено. Без него сум изнемоштена. Лекот ги активира оние 90 отсто од мозокот што не се искористени, а ги пасивизира оние 10 отсто што ги користат луѓето. Татко ми е фармацевт, а мајка ми е психолог и го создале лекот кој се состои од безусловна љубов и безрезервна поддршка. Толку е едноставно, но не е и незамисливо, а е многу ефикасно. Дури и целиот свет да ви каже дека вашето дете е отпишано, не отпишувајте го никогаш, тоа ќе надокнади сè“, кажа Нина во наградениот говор.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира