ЛИЦАТА СО ТЕЛЕСЕН ИНВАЛИДИТЕТ БАРААТ ПОЕДНОСТАВНИ ПРОЦЕДУРИ ЗА ДОКУМЕНТИ И ИНОВАТИВНИ ЛЕКОВИ

    ЛИЦАТА СО ТЕЛЕСЕН ИНВАЛИДИТЕТ БАРААТ ПОЕДНОСТАВНИ ПРОЦЕДУРИ ЗА ДОКУМЕНТИ И ИНОВАТИВНИ ЛЕКОВИПоворката се движeше од Порта Македонија, продолжи по улицата „11 Октомври“ во правец на Собранието и заврши во Домот „Даре Џамбаз“. (Фото: К. Попов)

    Денеска во Скопје по 9. пат се одржа марш за подигнување на јавната свест за проблемите со кои се соочуваат лицата со мултипла склероза за нивните специфични потреби за поквалитетен живот и социјална инклузија во чест на 30 мај, Светскиот ден на лицата заболени од мултипла склероза.

    Маршот го организира Националниот сојуз на лица со телесен инвалидитет на Северна Македонија „Мобилност Македонија“, а на лицата со мултипла склероза им се приклучија и лицата со параплегија и дистрофија. Поворката се движeше од Порта Македонија, продолжи по улицата „11 Октомври“ во правец на Собранието и заврши во Домот „Даре Џамбаз“.

    Претседателката на огранокот за мултиплекс склероза при „Мобилност Скопје“, Христина Просковска рече дека целта на овој марш е со малку зборови да се каже многу. Таа рече дека нивните барање се повторуваат од минатите години, бидејќи, како што рече, „за жал многу од работите не се променети, иако ние тоа грчевито го бараме“.

    „Едни од поголемите барања се до Министерството за труд и социјална политика во однос на добивањето и користењето на додатоците за помош од друго лице – мобилност, да се поедностави аплицирањето на документите, критериумите да се запазуваат при поднесување и лицата кои ги заслужуваат тие додатоци навистина да ги добиваат и да бидат услужени сите пациенти. До Министерството за здравство побаравме лековите да бидат во поголем број достапни за пациентите со оваа болест и да се донесат нови иновативни лекови кои веќе се користат во развиените држави“, рече Просковска.

    Просковска кажа  дека годинава слоганот на светската Асоцијација за одбележување на мултипла склреоза е „МС дијагноза“ и се однесува на рано дијагностицирање, детектирање и третирање на мултиплекс склероза, бидејќи, како што рече, тоа е еден од главните атрибути со кои луѓето се соочуваат.

    „Затоа што доколку рано се детектира, во тој случај многу побрзо и поефективно лицето со мултипла склероза ќе се справи во понатамошниот животи може да се дејствува во голем процент да не дојде до настанување на инвалидитет и прогресирање на болеста во голема мера“, рече Просковска.

    Техничкиот министер за труд и социјална политика, Ѓоко Велковски рече дека ќе има многу предизвици за новата влада и додаде дека треба да се насочат кон поддршка и помош на лицата за оваа болест.

    „И одредени работи што ги бараат денеска низ годините не се решени. Да тргнеме кон решавање на истите и тоа да се прави со брзи чекори, бидејќи нивната состојба како појава треба да биде предизвик за сите нас да им олесниме и да им најдеме еден полесен попристапен начин на живеење во Македонија“, рече Велковски.

    Градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски кажа дека локалната и централната власт мораат да се насочат кон подобрување на условите на лицата со телесен инвалидитет. Тој вели дека во Општина Гази Баба има регистрирано и клуб на лица со телесен инвалидитет кои се натпреваруваат во одредени спортови.

    Здружението на лицата со телесен инвалидитет „Мобилност“ брои 2.700 членови и постои веќе 36 години.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира