ЛИЗГАЊЕ НА ЗЕМЈИШТЕ НА ВОДНО КАЈ КЛИНИЧКИ ЦЕНТАР, ЦУК И ОПШТИНА ЦЕНТАР НА ИТЕН КООРДИНАТИВЕН СОСТАНОК

    ЛИЗГАЊЕ НА ЗЕМЈИШТЕ НА ВОДНО КАЈ КЛИНИЧКИ ЦЕНТАР, ЦУК И ОПШТИНА ЦЕНТАР НА ИТЕН КООРДИНАТИВЕН СОСТАНОКНа 10 јуни минатата година се урна дел од потпорниот ѕид токму на улицата „Белградска“, која поминува над Детската клиника во рамки на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“. (архивска фотографија)

    Ново лизгање на земјиштето на Водно, на улиците „Белградска“ и „Партеније Зографски“, претставува ризик за околните објекти и делови од Клиничкиот центар, поради што денеска се одржа итен координативен состанок меѓу Општина Центар и Центарот за управување со кризи (ЦУК).

    Градоначалникот на Центар Горан Герасимовски и директорот на ЦУК Мухамед Али ја разгледале состојбата на терен, при што е констатирана потреба од итно преземање мерки за стабилизирање на критичната зона.

    „Разгледна е состојбата на терен, ризиците по околните објекти и потребата од итно преземање мерки за стабилизирање на критичната зона. Договорено е заедничко координирано дејствување, засилен надзор и изработка на ургентен план со цел спречување на понатамошно лизгање на земјиштето. Заклучоците од состанокот ќе бидат официјално проследени до Владата на Република Северна Македонија за натамошно постапување“, соопштија од ЦУК.

    Ова не е првпат да се јавуваат проблеми на оваа локација. На 10 јуни минатата година се урна дел од потпорниот ѕид токму на улицата „Белградска“, која поминува над Детската клиника во рамки на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“.

    Тогашниот директор на ЦУК Стојанче Ангелов, по падот на ѕидот, изјави дека година и пол година добивале пријави од граѓани дека ѕидот е накосен и во лоша состојба. Ангелов тогаш рече дека ЦУК ги известиле Министерството за здравство, Град Скопје, Општина Центар и МВР за опасноста.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира