Локалните избори во Македонија, чиј прв круг се одржа вчера, поминаа мирно и со почитување на основните права, но има потреба од сеопфатни реформи, заклучи Канцеларијата за демократски институции и човекови права (ОДИХР) на ОБСЕ. Таа ги следеше изборите со 165 набљудувачи од 29 земји, кои беа распоредени на 625 гласачки места во целата земја.
„Самиот изборен ден беше мирен. Нашиот заклучок е дека изборите имаа натпреварувачки дух и се почитуваа основните права и слободи. Најголемите партии имаа предности во распределувањето на јавните ресурси и во поглед на застапеноста во медиумите. Кандидатите слободно ја водеа кампањата, но често пати имаше негативна реторика кон жените“, изјави Тана де Зулуета, шефицата на мисијата на ОДИХР.
Како најголем проблем на овие избори таа го посочи новиот систем за биометриска идентификација на гласачите, односно неговото доцно воведување.
„Самите избори и броење гласови добија позитивна оценка, и покрај честите проблеми со уредите за отчитување отпечатоци. Овие уреди се користат првпат, а претходно немаше пилот-проект и тестирање и немаше време за целосна обука и за едуцирање на гласачите“, кажа Де Зулуета.
Забележани се и случаи на групно, семејно гласање, проблеми со тајноста на гласањето, како и изолирани случаи на заплашување и притисок врз кандидати и гласачи.
„Жените не беа доволно застапени во кампањата. Само 8% од кандидатите за градоначалници беа жени“, кажа Де Зулуета.
Таа нагласи дека се потребни реформи на изборниот процес, што мора да биде проследено со широка јавна дебата, за разлика од сега, кога некои амандмани на изборниот закон беа усвоени премногу блиску до изборите.
„Бројот на потписи потребен за независните кандидати го отежнува учеството на нови луѓе на изборите. Препораката за сеопфатна ревизија на изборната рамка е сè уште неодговорена и неопходен е посеопфатен процес за понатаму“.
Г. КОНЕВ