Со европската програма ИПАРД 3 Македонија добива уште 97 милиони евра за модернизација на земјоделството, објавен е првиот повик кој ќе трае до 1 ноември, рече премиерот Димитар Ковачевски кој заедно со министерот за земјоделство Љупчо Николовски денеска го објавија стартот на новата и зголемена помош од европските фондови. Ова е зголемување од 37 милиони евра споредено со програмата ИПАРД 2, со која земјава имаше на располагање 60 милиони евра. ИПАРД е фонд на Европската унија за поддршка и развојот на земјоделството.
Во првиот повик од ИПАРД 3 на располагање се 30 милиони евра наменети за изградба на фарми, оранжерии, објекти и опрема за преработка, собирање, ладење, сушење, за подигнување насади, инсталирање на систем „капка по капка“ и друга современа инфраструктура за земјоделски стопанства. Помошта изнесува до 60 отсто од вкупните профатливи трошоци или 70 отсто за младите земјоделци и може да се исплати авансно, веднаш по потпишувањето на договорот, а опремата може да се набави од која било земја.
Министерот Николовски рече дека е објавен првиот јавен повик од ИПАРД 3, со што официјално Македонија е прва земја која започнува со оваа програма.
„30 милиони евра европски пари се на располагање од денес до први ноември во македонскиот агросектор. Ниту една друга земја не успеа во 2023 година да ја почне ИПАРД 3 програмата“, рече Николовски. Преку ИПАРД 2 имаме склучено 2.369 договори или најмногу во регионот. Она што радува е фактот дека 859 договори се на млади земјоделци кои гледаат шанса дома и кои инвестираа 10 милиони евра. Верувам дека ИПАРД 3 ќе го надмине успехот на ИПАРД 2, кој имаше 98 отсто искористеност бидејќи компаниите веќе имаат искуство со апликациите, а земјоделците се добро информирани од перманентната кампања која ја водиме“, рече Николовски.
Ковачевски додаде дека зголемувањетео на средствата во ИПАРД 3 е поради тоа што земјата има голема искористеност во ИПАРД 2.
„Го објавивме последниот повик од ИПАРД 2 програмата од 8,8 милиони евра – програма којашто има цел да се инвестира дома, со што целосно се реализира програмата, без ниту еден денар вратен назад кон Европската унија. Што значи, сите финансиски средства ќе бидат искористени и пласирани во нашето земјоделство. За шест години, од земја која не ги искористуваше средствата од европските програми Северна Македонија ја доби програмата ИПАРД 3 како прва земја во регионот која ќе користи нови неповратни 97 милиони евра за инвестиции во земјоделскиот сектор“, рече Ковачевски.