МАКЕДОНИЈА И НАТАМУ Е ДЕЛУМНО СЛОБОДНА ЗЕМЈА, СПОРЕД ИЗВЕШТАЈОТ НА ФРИДОМ ХАУС

    МАКЕДОНИЈА И НАТАМУ Е ДЕЛУМНО СЛОБОДНА ЗЕМЈА, СПОРЕД ИЗВЕШТАЈОТ НА ФРИДОМ ХАУСМакедонија има 67 поени од 100 исто како што беше рангирана и лани. (Фото: СДК.МК)

    Македонија како и лани и во најновиот извештај наневладината организација Фридом хаус се најде во групата делумно слободни земји, заедно со Албанија, Црна Гора, Косово, Србија и Босна и Херцеговина од најблиското окружување. Во пошироки рамки, делумно слободни се и Унгарија, Украина и Молдавија, Ерменија, Тунис, Либан, Јордан и уште десетици земји.

    Според извештајот, на скала од 0 до 100 поени, на која 0 поени означува неслободна, а 100 поени слободна земја – Македонија има 67 поени од 100. На истото место беше рангирана и минатата година. Во категоријата политички права, земјата има 28 од 40 поени, а за граѓанските слободи има 39 од 60.

    „Земјата продолжува да се бори со корупцијата, и додека медиумите и граѓанското општество учествуваат во енергичен јавен дискурс, новинарите и активистите се соочуваат со притисок и заплашување“, наведува Фридом хаус, која ја следи состојбата на демократијата ширум светот.

    Во минатогодишниот извештај, Македонија беше сместена во групата на „циклични хибриди“. Според оценката, таа беше меѓу земјите во кои редовните промени во владејачката елита предизвикуваат недостиг на значајни структурни промени и каде ривалските партии, во кои доминираат личностите или личните определби на нивните лидери, постојано ги политизираат и заробуваат слабите институции. Отсуството на поголеми чекори за елиминирање на корупцијата и измените на Кривичниот законик ја намалија оценката за Северна Македонија во однос на оценките објавени претходните години.

    Според извештајот, состојбата со слободата се влошила минатата година, а авторитаризмот се засилил. Кај 60 земји е забележано влошување, а кај 34 подобрување на политичките права и граѓански слободи.

    „Насилството и репресијата на политичките противници за време на изборите, тековните вооружени конфликти и ширењето на авторитарни практики придонесоа за 19-тата година на опаѓање на слободата. Во годината што доаѓа, сите оние кои ја разбираат вредноста на политичките права и граѓанските слободи мора да работат заедно во одбрана на демократијата“, се наведува во извештајот.

    На врвот на листата на слободни земји е Финска со 100 поени, по што следат Норвешка и Шведска со 99 поени. И Германија е во врвот на земјите коишто се рангирани како слободни – со 95 од вкупно 100 поени.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира