Министерот за европски прашања Орхан Муртезани денеска во Киев потпиша меморандум за соработка со Украина за прашања поврзани со интеграцијата во ЕУ. Од украинска страна, Меморандумот го потпиша заменик-претседателката на Владата на Украина, задолжена за европски и евроатлантски интеграции, Олга Стефанишина.
Двајцата потписници на Меморандумот, Муртезани и Стефанишина, се главни преговарачи со ЕУ во своите земји.
Од кабинетот на Муртезани соопштија дека на средбата во Киев била потенцирана важноста на европската интеграција како стратешки приоритет за двете земји.
„Македонија ја поддржува Украина на нејзиниот пат кон Европската Унија, а оваа посета го потврдува нашиот заеднички стремеж кон европските вредности. Процесот на пристапување кон Европската Унија не треба да биде исклучив, туку инклузивен и базиран на заслуги, овозможувајќи и на Украина и на земјите од Западен Балкан правична шанса за напредок. Единството и солидарноста меѓу нашите народи се клучни за градење силна и обединета Европа“, вели Муртезани.
Како што велат од кабинетот на Муртезани, Меморандумот опфаќа размена на искуства и знаења во различни области, вклучувајќи законодавство, судски реформи, борба против корупција и организиран криминал, како и промоција на европските вредности. Страните се обврзуваат да соработуваат во унапредување на институционалните капацитети, како и да разменуваат експертиза за исполнување на критериумите за членство во ЕУ. Меморандумот, исто така, предвидува организирање на заеднички настани, обуки и иницијативи за поддршка на европската интеграција на Украина и Македонија.