МАКЕДОНИЈА НЕМА ДА ИМА ГОЛЕМИ ШТЕТИ ОД ЗАБРАНАТА ЗА ПРЕЛЕТ НА РУСКИ АВИОНИ, ПРИЛИВОТ ОД „АЕРОФЛОТ“ НЕ Е НИ МЕЃУ ПРВИТЕ 15

    МАКЕДОНИЈА НЕМА ДА ИМА ГОЛЕМИ ШТЕТИ ОД ЗАБРАНАТА ЗА ПРЕЛЕТ НА РУСКИ АВИОНИ, ПРИЛИВОТ ОД „АЕРОФЛОТ“ НЕ Е НИ МЕЃУ ПРВИТЕ 15Вчерашниот лет на „Аерофлот“ од Белград за Москва. (Фото: Флајтрејдар24/принтскрин)

    Откако македонската влада се приклучи кон забраната за прелет на руски авиони поради руската инвазија на Украина, вчеравечер беа последните два прелета на руски авиони на македонското небо.

    Првин прелета авион на „Росија“ од Загреб за Санкт Петербург, принуден да кружи низ Србија, Македонија, Грција и Турција, и слета во Сочи, пред да продолжи до крајната дестинација, бидејќи станува збор за регионалниот авион Сухој Суперџет-10 со помал досег. Потоа по истата рута прелета и авионот на „Аерофлот“ од Белград за Москва, кој во рускиот воздушен простор влезе преку Казахстав и од исток слета на „Шереметјево“, бидејќи беше прекуокеанскиот Ербас А330. Сепак, место 2,5 часа, колку што редовно трае летот, овојпат траеше речиси шест часа.

    Македонија нема да има големи штети од забраната за прелет на руски авиони бидејќи според податоците на „Евроконтрол“ со седиште во Брисел, приливот од прелети на руските авиокомпании не е ни меѓу првите 15. Според податоците на „Евроконтрол“ за 2021 (која не е типична година поради намалениот сообраќај предизвикан од пандемијата), најголеми приходи од прелет на македонското небо државата има од  исрскиот нискобуџетен превозник „Рајан Ер“, па следуваат германската „Луфтханза“, авионите на туроператорот „ТУИ“, „Туркиш Ерлајнс“ и грчката „Ејџиан“.

    Дополнителен проблем за руските авиокомпании е што како последица на санкциите од Западот поради руската инвазија на Украина, западните компании за лизинг ќе повлечат стотици авиони од Русија. Вкупно, сите руски авиокомпании имаат 980 авиони од кои 777 се на лизинг, а од нив 515 се од западни компании.

    Руските авиокомпании ги откажаа летовите до сите земји во Европа поради забраната за прелетување на руски авиони во поголемиот дел од Европа.

    Поради овие забрани компанијата „Нордвинд“ повеќе нема да лета од Москва и Санкт Петербург за Скопје.

    М. ИЛИОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира