Организацијата „Македонија2025“, во партнерство со Владата, почна кампања под мотото „Македонска дијаспоро, врати се повторно дома“, со цел да ги поттикне иселениците да се вратат во татковината. Како дел од кампањата, која започна во јули, низ земјава се поставени билборди, а на граничниот премин Табановце се делат флаери со кои дијаспората се повикува да пополни анкета.
Од „Македонија2025“ велат дека целта на анкетата не е само собирање податоци, туку и иницирање на промени.
„Анкетата има за цел да ги разбере искуствата, потребите и аспирациите на Македонците кои живеат во странство, без разлика дали неодамна заминале или се втора, трета или понатамошна генерација. Вашите согледувања ќе ги водат препораките за политики до македонската влада, помагајќи да им се олесни животот на вас и на вашето семејство – без разлика дали посетувате, инвестирате, се враќате или останувате поврзани со татковината“, објаснуваат од организацијата.
Според нив, добиените информации ќе се искористат за застапување за поинклузивни политики, од полесна реинтеграција и деловни можности до програми што ќе го направат враќањето или придонесот подостапни.
„Каде и да ве однел животот – Македонија посегнува по вас. Вашиот глас е важен. Пополнете ја анкетата за дијаспората и помогнете да се обликува вистинска промена. Кажете ни што ви треба. Кажете ни што би ве вратило назад“, се вели во повикот на социјалните мрежи.
„Македонија2025“ е меѓународна, независна и неполитичка организација основана во 2007 година од македонски иселеници. Нивната цел, како што стои на официјалната веб-страница, е да поттикнат одржлив економски раст што ќе ги подобри можностите за граѓаните, компаниите и странските инвеститори, овозможувајќи ѝ на дијаспората да возврати на својата татковина.