38-годишна дипломатка од македонската мисија во ОН беше најдена мртва во нејзиниот стан во Менхетн во Њујорк на новогодишната ноќ, објави „Њујорк Пост“, а потоа веста беше преземена и од американските национални телевизии. Извори од полицијата за американскиот весник кажале дека се работи за очигледно самоубиство.
Таа била најдена лежејќи на стомак со каиш околу вратот во спалната на нејзиниот стан, а полицајците нашле антидепресиви и лекарства за спиење.
Домарот на зградата за „Њујорк Пост“ изјави дека таа живеела во стан на четвртиот спрат од зградата две години. Била најдена кога ѝ дошол гостин, а не одговарала на ѕвончето, по што била повикана Брза помош.
Во првичната верзија на веста на „Њујорк Пост“ беа објавени и името и презимето на дипломатката, но беа избришани по неколку минути.
Подоцна денеска, потврда за смртта стигна и од македонското министерство за надворешни работи.
„Од Постојаната мисија на Република Северна Македонија при ОН во Њујорк пристигна жална вест која нѐ потресе сите, за трагично загубен животот на член на нашата мисија, дипломат од кариера во Министерството за надворешни работи. Во оваа прилика сакаме да изразиме длабоко сочувство до семејство и најблиските, и во име на сите колеги од Министерството за надворешни работи кои изгубија близок пријател и долгогодишен вреден и посветен претставник на дипломатијата“, соопштија од МНР.