Собраниската Комисија за деловнички и мандатно-имунитетни прашања со мнозинство од присутните пратеници му предложи на Собранието да му го одземе имунитетот на избеганиот пратеник Никола Груевски за шест судски предмети, во кои за него е побаран притвор. Пленарната седница на која што ќе се одлучува за одземање на имунитет е најавена за денес во 17 часот. За одземање на пратенички имунитет се потребни 61 глас.
„Денес, во комисијата треба да донесеме контрадикторна одлука. Треба да донесеме одлука за одземање на имунитетот на осудено лице кое е во бегство и се бара притвор. Сакам да упатам и порака до јавноста дека сум разочаран што нашите институции не успеаја да го обезбедат присуството на Никола Греусвки. Ние, како и целата јавност, очекуваме да се заврши истрагата за да се открие одговорноста на институциите за бегството на Груевски. И тоа нека е поука дека треба да се отстранат системските грешки кои доведоа до неговото бегство“, рече претседателот на комисијата Павле Богоевски.
По шесте барања за притвор немаше расправа, а на седницата не присуствуваа пратениците на ВМРО-ДПМНЕ. Станува збор за предметите „Титаник“, „ТНТ“, „Траекторија“, „Насилство во Општина Центар“, во коии Груевски е обвинет и за уште две истраги во кои е осомничен.
Груевски избега во Унгарија откако требаше да се пријави во затворот во Шутка на одлежување на двегодишната затворска казна во предметот на СЈО „Тенк“ и доби азил од тамошните власти.
Г. ТРПЕНОСКИ