МАРЕ СЕГА МИ Е СЕСТРА, 27-ГОДИШНИОТ ЕМРИ СЕ ЗАПОЗНА СО ЌЕРКАТА НА ПОЧИНАТАТА ДАРИТЕЛКА ОД КОЈА ДОБИ БУБРЕГ

    МАРЕ СЕГА МИ Е СЕСТРА, 27-ГОДИШНИОТ ЕМРИ СЕ ЗАПОЗНА СО ЌЕРКАТА НА ПОЧИНАТАТА ДАРИТЕЛКА ОД КОЈА ДОБИ БУБРЕГБубрезите на починатата мајка на Маре Кежаровска (десно) спасија два млади живота; - Маре со мајката на 27-годишниот Емри кој живее без дијализа благодарение на трансплантацијата (Фото: Министерство за здравство)

    Прегратки и очи полни солзи кои кажуваат повеќе од зборови меѓу скопјанката Маре Кежаровска и 27-годишниот Емри од тетовското село Селце, кој доби бубрег од нејзината почината мајка. Тие на одбележување на Европскиот ден на органодарителството за прв пат се запознаа, а трансплантацијата со која биле спасени два животи била направена во јануари годинава, во истиот ден кога бил роденденот на нејзината почината мајка.

    Маре вели дека кога го губиш блискиот е многу тешко, и дека е малку олеснува кога некому ќе пружиш надеж и кога знаеш дека дел од најблиските живее во нив.

    „Ми кажа само сестро. Од неговите очи разбрав што сака да каже. Го прегрнав и го допрев местото каде живее дел од мојата мајка. Полесно е кога знам дека некому даваш шанса“, вели Маре.

    Емри се запозна со ќерката на починатата мајка дарителка на бубрези на одбележување на Европскиот ден на органодарителството. На сликата со министерот за здравство Венко Филипче и Маре Кежаровска. (Фото: Министерство за здравство)

    Емри пак вели дека не зборува добро македонски, но дека таа сега е негова сестра и дел од неговото семејство, бидејќи нејзината мајка му дала нов живот. Тој и другиот млад човек претходно четири години биле на дијализа. Вели дека сега веќе е ослободен од третманите за дијализа и дека има нов живот.

    Кирил Јанчовски, кој лани доби бубрег од починат дарител, им се заблагодари на сите семејства што одлучиле да донираат органи од нивните роднини, бидејќи со тоа некому даваат втор живот,

    Според директорот на Клиниката за урологија и шеф на одделот за трансплантација Сашо Дохчев, досега се направени над четиристотини трансплантации од жив и од починат дарител. Тој верува дека годинава ќе ја завршат со дваесетина трансплантации, со што се исполнува годишниот просек.

    Бројот на трансплантирани пациенти, според претседателот на здружението „Нефрон“ Душко Ѓорѓиев, е недоволен и треба да се зголеми.

    Министерот за здравство Венко Филипче вели дека работат со националниот координатор и со сите одговорни за трансплантација и дека идејата е да се развие кадаверичната трансплантација не само на бубрези туку и на други органи. Тој кажа дека разговараат со стручњаци од повеќе области, односно кардиохирургија, гастроентерохепатологија, дигестивна и торакална хирургија и пулмологија за да имаат податок колку пациенти чекаат трансплатација, не само на бубрези, туку и на срце, бели дробови и црн дроб.

    „Со таквите национални листи кои се веќе при крај, во ноември планираме состанок со претставници на Еуротрансплант од Љубљана и од Загреб, со кои сакаме да потпишеме договор за соработка со кој би станале некоја форма на придружна членка кон Еуротрансплант“, рече Филипче.

    Тој додаде дека следната година ќе заврши реконструкцијата на сите одделенија и дека тие ќе бидат по највисоки стандарди за лекување на трансплантираните пациенти.

    Од Министерството за здравство велат дека годинава успешно се извршени четири кадаверични трансплантации на бубрези, и потсетуваат дека лани е направена првата несродна трансплантација на матични хематопоетски клетки, односно на коскена срцевина.

    Е. БОЧВАРОСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари