Претседателката на Македонија Гордана Сиљановска-Давкова во првото новогодишно обраќање во Собранието, денеска кажа дека по 20 години лекцијата ја научивме и ние, дека националните интереси се градат овде, консензуално. Потребен е консензус меѓу власта и опозицијата за најважните државни прашања, апелираше таа.
Во овој контекст рече дека не жали што ја поддржа отворено Радмила Шеќеринска за заменичка-генерален секретар на НАТО. Кажа: „Имаме Македонка во врвот на НАТО”. Ја поздрави и поддршката на опозицијата на реформската агенда.
Сиљановска-Давкова кажа дека се чувствува навредено кога ќе ја прашаат дали ќе биде сменет Уставот.
„Нашата усогласена, проактивна, конструктивна и проевропска европска политика манифестира потентност. Можеби на почетокот им звучевме чудно, за разлика од претходниците. Сега споменуваме исти проблеми што бараат нови, заеднички решенија. Морам да го прочитам членот 49 од Лисабонскиот договор. Секоја земја во Европа може да аплицира за членство, и условите за прием на нови членови се предмет на договор меѓу ЕУ и апликантот. Овој договор се ратификува од сите земји. Мора да кажам дека прашање дали ќе го смените Уставот, ме навредува, и како професорка и како претседателка“, рече Сиљановска-Давкова.
Таа додаде и дека не е апсолутен монарх, па таа да одговара на прашањата дали ќе биде сменет Уставот.
Претседателката кажа дека е фасцинирана од поставеноста и исполнителноста на Армијата и кажа дека не е чудо што има највисок рејтинг во државата.
„Очекувам предлози за унапредување во чинови генерал, од господинот Началник на Генераштабот на АРМ Лефчиски. Очекувам да предложи и жени”, кажа претседателката, која е и врховна командантка на оружените сили.
С. К. ДЕЛЕВСКА