Синдикатот на македонската дипломатска служба (СМДС) вели дека раководството на Министерството за надворешни работи на заминување преку незаконски распишаниот конкурс од пред еден месец испраќа партиски кадри во дипломатско-конзуларни претставништва, а меѓу нив и лица кои учествувале во крвавите настани во Собранието од 27 април.
„Раководството на МНР не покажа доблест да ја прекине незаконски започнатата постапка, ниту во пресрет на формирањето на новата Влада. Напротив, побрза да си ја заврши постапката и да донесе одлуки за избор на преферирани кандидати, и тоа во петокот, на 19 мај, по завршување на работното време. Уште повеќе, за работа во одредени претставништва избра лица, кои учествувале во крвавите настани во Собранието од 27 април, а кои не само што не смеело да бидат избрани, туку против таквите морало да се поведе дисциплинска постапка, паралелно со постапката за кривично гонење“, се вели во соопштението на Дипломатскиот синдикат.
СМДС потсетува дека самата внатрешна постапка на избор, како и донесените одлуки, ги смета за нелегитимни, нелегални и без правна поткрепа и дека одлуките по својата форма се противуставни, затоа што во нив е ускратено правото на жалба, со што е повреден уставниот принцип на двостепеност во одлучувањето и самото тоа ги прави ништовни. Дипломатскиот синдикат очекува од идниот министер за надворешни работи да ги повлече и поништи незаконски донесените партиски одлуки, како прв чекор кон враќање на достоинството на професијата.