Претседателот на Врховниот суд Јово Вангеловски, кој со уште четворица врховни судии е под иницијатива за разрешување за случајот со Сеад Кочан, не дошол во Судскиот совет на вчерашната закажана седница на која што требаше да се расправа за иницијативата. Непосредно пред седницата, тој го известил Судскиот совет дека не е во можност да дојде поради свадба, на покана на претседателот на Врховниот суд на Косово.
Со него на истата свадба, како што дознаваме неофицијално, отишла и врховната судијка Рахилка Стојковска, член на петчлениот совет што го ослободи Кочан, исто така предложена за разрешување. Од преостанатите тројца нивни колеги, едниот бил во болница.
Оваа седница се одложува по вторпат, откако беше закажана и на 6 јуни. Иницијативата, која е прифатена и процесуирана од Судскиот совет, се однесува на акцијата и ангажманот на Вангеловски за ослободување од притвор на избеганиот бизнисмен обвинет во случајот „Труст“ на СЈО, Сеад Кочан.
Вангеловски, со неговиот и гласовите на уште двајца од петтемина врховни судии во кривичниот совет, ги надгласаа во сооднос 3 спрема 2 останатите двајца колеги лани во мај, по што беа укинати одлуките за притвор на Основниот суд Скопје 1 и Апелациониот суд Скопје.
По ова Кочан веднаш се врати во Македонија и тоа беше прв ваков привилегиран третман на осомничен кој два месеца бил во бегство пред судот и органите на прогонот. Иницијативата за разрешување, велат врховни судии и членови на Судскиот совет, не е за тоа кој гласал „за“ или „против“ ослободување на избеганиот бизнисмен, туку поради излегувањето надвор од законските надлежности на петчлениот кривичен совет на Врховниот суд.
Наспроти тврдењата на Вангеловски дека на Општата седница на Врховниот суд на негова иницијатива се изгласало дека тогашниот државен обвинител Марко Зврлевски може да се меша во предмети и одлуки за притвор на барање на СЈО, мнозинство гласови од врховните судии немало и таа иницијатива всушност никогаш не поминала.
„Не сме смееле воопшто тоа барање за заштита на законитоста на одлуките за притвор, поднесено од Зврлевски воопшто да го ставиме на дневен ред и да го гласаме“, го објаснуваат спорниот момент за кој се викнати пред Судскиот совет врховни судии од петчлениот кривичен совет.
С. К. ДЕЛЕВСКА