МИЈАЛКОВ Е ОДБИЕН ЗА УСЛОВНО ПУШТАЊЕ ОД ЗАТВОРОТ ВО СТРУГА, ОД МАРТ ЛАНИ ИЗЛЕЗЕНИ СЕ КАМЧЕВ И ЈОСИФОВИЌ

    МИЈАЛКОВ Е ОДБИЕН ЗА УСЛОВНО ПУШТАЊЕ ОД ЗАТВОРОТ ВО СТРУГА, ОД МАРТ ЛАНИ ИЗЛЕЗЕНИ СЕ КАМЧЕВ И ЈОСИФОВИЌМесто по Нова Година, Мијалков барањето го поднел пред Нова Година, пред да одлежи две третини од казната во Струшкиот затвор од отворен вид. (Фото: СДК.МК)

    Сашо Мијалков, како осудено лице на три години затвор во предметот „Империја“ повел ппостапка за да му дадат условен отпуст од затворот во Струга. Но, подранил неколку дена, зашто за барање условен отпуст осуденото лице треба да има одлежано две третини од казната.

    Место по Нова Година, тој барањето го поднел пред Нова Година.

    Тоа било и причината што кривичен совет од Основниот кривичен суд Скопје го одбил неговото барање за условен отпуст. Но, на ова решение Мијалков поднел жалба до повисокиот суд.

    „Точно е дека осуденото лице што го посочивте поднело барање за условен отпуст. Кривичниот совет му го одбил барањето, па сега предметот е по жалба во Апелациониот суд Скопје. За основот со кој бара да добие условен отпуст не може да се откриваат информации, бидејќи предметот е во фаза на одлучување“, изјавија за САКАМДАКАЖАМ.МК од Кривичниот суд Скопје.

    Мијалков останал осамен во Струшкиот затвор, откако неговите соработници Јордан Камчев и Ненад Јосифовиќ кои уште во мај 2022 година признаа вина, одамна ги одлежаа казните во истиот затвор од најлабав вид. Беа осудени на година дена затвор, но почнаа да ги одлежуваат уште на 2 јули 2022 година. Од тие 12 месеци им беа одбиени по 4 месеци време поминато во притвор, па во Струга беа само по 8 месеци за „Империја“.

    Мијалков призна вина на 8 јули 2022 година пред подигање на обвинение. Се спогоди со обвинителката Лиле Стефанова за признание на вина за перење пари, па беше осуден на три години ефективен затвор.

    Но, не отиде веднаш во затвор, туку прво ја менуваше адресата на живеење од Скопје во Охрид, за да може да добие упатен акт за Струшкиот затвор, кој е од отворен вид и важи за најлабавиот затвор во Македонија. За осудените лица кои се упатуваат во Затворот во Струга, се вели дека се упатуваат на затворски туризам.

    Истрагата „Империја“ беше отворена во 2018 за кривичните дела Злосторничко здружување, Оштетување или повластување на доверители, Злоупотреба на службената положба и овластување, Измама и Перење пари и други приноси од казниво дело. Бизнисменот Камчев и ексдиректорот на УБК Сашо Мијалков беа првоосомничени, а осомничени и обвинети беа уште 11 други лица, меѓу кои и газдата на „Пелистерка“ Цветан Панделески.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира