МИЛОШОСКИ МНОГУ СЕ ЗАНЕСУВА, ВЕЛИ ЈАНЕВА ЗА ПРЕГОВАРАЧОТ НА ВМРО-ДПМНЕ ЗА ЗАКОНОТ ЗА СЈО

    МИЛОШОСКИ МНОГУ СЕ ЗАНЕСУВА, ВЕЛИ ЈАНЕВА ЗА ПРЕГОВАРАЧОТ НА ВМРО-ДПМНЕ ЗА ЗАКОНОТ ЗА СЈОМилошоски е главен осомничен во истрагата на СЈО „Моќник“ и беше на распит во СЈО во октомври минатата година. - Антонијо Милошоски; Катица Јанева (Фото: СДК.МК)

    Специјалната обвинителка Катица Јанева утринава кажа дека пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошоски не може да преговара за новиот Закон за Јавно обвинителство, со кој треба да се реши иднината на СЈО, бидејќи за него има истрага во нејзиното обвинителство. Јанева, одговарајќи на новинарско прашање околу донесувањето на законот, рече и дека Милошоски многу се занесува со изјавите.

    „Меѓународната заедница дава јасни насоки, а и власта, освен опозицијата, која е лично засегната. Не може за законот да преговара лице кое веќе има предмет во предистрага и во истрага и кое дава квалификации за СЈО. Тука мислам на Антонио Милошоски, кој многу се занесува во своите изјави“, кажа Јанева, додавајќи дека има позитивни сигнали дека Законот за јавно обвинителство ќе биде донесен во најбрз можен рок.

    Милошоски е главен осомничен во истрагата на СЈО „Моќник“ и беше на распит во СЈО во октомври минатата година.

    СЈО ја отвори истрагата против Милошоски, неговиот татко, поранешниот градоначалник на Македонски Брод, и уште 11 лица на 18 март.

    Во случајот „Моќник“, Милошоски е осомничен дека овозможил по ниски цени да биде распродаден државен имот на негови блиски луѓе. Вкупно се осомничени 13 лица. При презентирање на случајот, обвинителката Фатиме Фетаи рече дека во заблуда бил донесен советот на општината да отуѓи и продаде задружен дом со што била нанесена штета од 50 илјади евра во 2011 година и притоа се направени кривичните дела Измама и Злоупотреба на службената положба и овластувања.

    За иднината на СЈО, со новото законско решение, преговорите кои почнаа уште во март, се одвиваат во Министерството за правда, а претставници на ВМРО-ДПМНЕ се пратеникот Милошоски и адвокатот Тони Менкиноски.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира