„Иако најавив протест за утре за драматичниот пад на животниот стандард, поради опасноста од предавство, решив да го одложиме поради горлив проблем и да се фокусираме на т.н. модифициран француски предлог“, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на прес конференција пред Белата палата на партијата веднаш по прес конференцијата на премиерот Димитар Ковачевски кој најави дека од утре предлогот ќе оди на широка јавна дебата и во Собрание.
„За ВМРО-ДПМНЕ предлогот кој првично беше одбиен, беше ништовен. Владата манипулираше дека не е запозната се тој предлог. Сега Владата наметнува голем триумф, на истиот предлог. Овој модифициран предлог го немаме ниту видено, ниту прочитано. Но, врз основа на информациите со кои располага партијата, има само два различни, модифицирана збора“, рече Мицкоски.
„Првата индиција дека сме во нокаут со продолжено дејство, е што ова веднаш го прифатија Радев и Петков. За нив е одлично решение. Ако е така, што е тогаш различното за нашиот премиер да го бендиса? Втората индиција: откај знае Еди Рама, од каде тој ја има информацијата а ние ја немаме? И третата индиција е бидејќи Владата на СДСМ И ДУИ имаат слаб карактер и традиција на предавство. Место прво народот и опозицијата да ги запознае, тие првин го прифаќаат“, рече Мицкоски и праша –„зошто го кријат предлогот, најмалку што требаше вечерва да направи Ковачевски, е да го закачи на веб страната на Владата“, изјави Мицкоски.
Иако не го видел предлогот, тој вели дека модификацијата е само мала семантичка игра во зборовите – наместо протокол, ќе се вели „енуал ривву“, а во рамката останува членот 12 од Договорот со Бугарија кој се однесува на историјата, па затоа останува на тврдењето дека со договорот ќе се врши асимилација на македонскиот народ.
С. К. ДЕЛЕВСКА