Премиерот Христијан Мицкоски во најновиот анкетен лист за имотната состојба пријавил часовници со вкупна вредност од 52.000 евра, за кои навел дека се набавени во март 2015 и јуни 2016 година, објави БИРН.
Сепак, премиерот нема наведено за колку часовници станува збор, ниту од која марка се. БИРН испратиле прашања за овие податоци до неговите соработници, но не добиле одговор.
Според истражувањето на БИРН, овие часовници ги нема во анкетните листови на Мицкоски од 2016 и 2017 година, кога беше директор на ЕЛЕМ.
Анализирајќи ги објавените фотографии на Мицкоски, БИРН идентификуваше два од часовниците на премиерот. Станува збор за два модели од престижниот бренд „IWC шафхаузен“.
На едно од интервјуата во улога на мандатар, Мицкоски на раката носеше часовник што изгледа како црн „IWC биг пајлот“, кој може да се набави за цена од околу 13.500 евра.
Пред две недели, пак, на средба со велешките пензионери, тогаш веќе како премиер, се појави со друг часовник, таканаречен „кронограф“, кој според познавачите, исто така, е од брендот „IWC шафхаузен“. Овој часовник, пак, се продава за 6.500 евра од официјалниот сајт на производителот.
Во анкетниот лист нема информации како ги стекнал часовниците.