Премиерот Христијан Мицкоски кажа дека државата се соочува со нов скандал поврзан со нелегално прислушување и масовна злоупотреба на системот во изминатите неколку години. На овие обвинувања реагираше поранешниот директор на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), Виктор Димовски, кој ги негираше ваквите тврдењата и побара од актуелниот директор на Агенцијата Бојан Христовски веднаш да ги декласифицира документите за наводните злоупотреби.
Говорејќи на тематски состанок за Партнерство за отворена власт, Мицкоски изјави дека тој лично, заедно со новинари, бизнисмени и јавни личности, бил жртва на систем кој ги следел сопствените граѓани.
„Ова не е напад само врз мене, туку врз демократијата, врз правото на слобода, врз темелите на државата. Сакам да порачам: Нема да има селективна правда. Ќе има одговорност. Ќе има правна разрешница. Нашиот народ предолго бил жртва на злоупотреби, на корупциски шеми и на тајни центри на моќ. Времето на недопирливи заврши“, рече премиерот Мицкоски.
Преку објава на Фејсбук, поранешниот директор на АНБ, Виктор Димовски, кој ја извршуваше функцијата во дел од споменатиот период (2019-2022), тврди дека Мицкоски, како тогашен лидер на опозицијата, не бил предмет на посебен оперативен интерес на Агенцијата, ниту пак кон него биле применувани оперативно-технички мерки.
„Со оглед на сериозноста на изнесените наводи, го повикувам директорот на Агенцијата веднаш и неодложно да ги декласифицира документите за наводни злоупотреби, а особено тие кои се однесуваат на прислушкување на тогашниот лидер на опозицијата. Македонската јавност има право да знае кој тоа предлагал, барал, одобрувал и кој ги извршувал наводните прислушкувања“, напиша Димовски.
Тој додаде дека очекува овојпат да нема криење зад изговори како „класифицирани информации со степен на државна тајна“. Димовски вели дека во наведениот период имало постапка за преиспитување на безбедносни сертификати, вклучително и за еден пратеник поради оддавање на класифицирана информација, за што била поднесена и кривична пријава.
Во октомври 2024, на собраниска седница, а потоа и на брифинг со новинари, Мицкоски кажа дека додека биле во опозиција, власта на СДСМ и ДУИ го следела секое негово движење и го снимала со дронови.