До 13 часот, на седмите Локални избори во земјава гласале 237.476 граѓани, а процентот на излезност е 20.76 отсто, од резултати пристигнати од 2.519 места, или 72.39 насто од избирачките места, рече претседателот на Државната изборна комисија (ДИК), Александар Даштевски. Највисока е излезноста во Новаци, Крива Паланка и во Крушево.
Според Даштевски, засега излезноста на изборите е добра, на 11 места имало прекини над 1 час поради технички проблеми, и таму е продолжено гласањето за 1 час. На 6 места се гласа на стариот начин, со спреј и ув-лампа и земање отисок од прст со боја. На овие места, рече тој, не се стига ниту да се смени апаратот оти треба специјално теренско возило, а таму има мал број гласачи.
„Се наметнува и проблем во некои места да има повеќе гласачи, се прават гужви, а помал број на гласачки места, но ги известивме избирачките одбори да се води сметка и за редиците, оти такви се ковид протоколите“, кажа Даштевски.
До 12,30 часот до ДИК се стигнати 48 приговори за заштита на избирачки права, од кои 26 се прифатени, 4 се одбиени поради неисполнување на условите и 18 уште се во обработка.
Право на глас имаат 1.824.864 гласачи, што е најмногу од сите локални избори досега и пораст од 10.220 гласачи во однос на изборите во 2017. Ќе се избираат градоначалници и советнички листи во 80 општини и Градот Скопје.
Б. НЕСТОРОСКА