НА ИВА МИХАЈЛОВА ЌЕ Ѝ СЕ СУДИ ВО ОТСУСТВО ЗА ТЕШКАТА СООБРАЌАЈКА КАЈ КОЧАНИ, СУДЕЊЕТО Е ЗАКАЖАНО ЗА 9 НОЕМВРИ

    НА ИВА МИХАЈЛОВА ЌЕ Ѝ СЕ СУДИ ВО ОТСУСТВО ЗА ТЕШКАТА СООБРАЌАЈКА КАЈ КОЧАНИ, СУДЕЊЕТО Е ЗАКАЖАНО ЗА 9 НОЕМВРИПоради судскиот процес, на Михајлова претходно ѝ беа изречени мерки на претпазливост со кои ѝ беа одземени пасошите и ѝ беше забрането да ја напушта државата. (Фото: БТВ)

    На Ива Михајлова, обвинета за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, ќе ѝ се суди во отсуство бидејќи не им е достапна на органите на прогонот. Вакво решение е донесено по предлог на Основното јавно обвинителство Кочани, а следното судско рочиште е закажано за 9 ноември 2026 година во 9 часот.

    Станува збор за судски процес за тешката сообраќајна несреќа што се случи на 7 октомври 2025 година на патот Кочани–Штип, при директен судир на две возила. Во несреќата загина 33-годишен маж, а неколку лица беа повредени. Обвинителството ја товари Михајлова дека возела со недозволена брзина и преминала во спротивната коловозна лента.

    Михајлова и нејзиниот правен тим ги оспоруваат овие тврдења. Според нив, другото возило преминало во нејзината лента обидувајќи се да заобиколи запрено полициско возило, па наведуваат дека таа е жртва, а не виновник за сударот. Во несреќата таа се здобила со тешки повреди на рбетот, а нејзиното семејство бараше таа да замине на лекување во Софија со образложение дека во земјава нема услови за третман на нејзината здравствена состојба.

    Поради судскиот процес, на Михајлова претходно ѝ беа изречени мерки на претпазливост со кои ѝ беа одземени пасошите и ѝ беше забрането да ја напушта државата.

    По нејзиното бегство во Бугарија, Михајлова и нејзиниот бугарски адвокат Николај Димитров на 11 октомври изјавија за бугарските медиуми дека границата ја поминале легално преку официјален граничен премин, како и дека македонските полициски службеници знаеле за кого станува збор, но им дозволиле премин. Од Министерството за внатрешни работи, пак, велат дека Михајлова не ја напуштила Македонија на легален начин.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира