НА КАРДИОЛОГИЈА ВОВЕДЕНА НОВА ПРОЦЕДУРА, ПАЦИЕНТИТЕ СО СЛОЖЕНИ СРЦЕВИ АРИТМИИ ВЕЌЕ НЕМА ДА СЕ ПРЕПРАЌААТ ВО СТРАНСТВО, РЕЧЕ АЛИУ

    НА КАРДИОЛОГИЈА ВОВЕДЕНА НОВА ПРОЦЕДУРА, ПАЦИЕНТИТЕ СО СЛОЖЕНИ СРЦЕВИ АРИТМИИ ВЕЌЕ НЕМА ДА СЕ ПРЕПРАЌААТ ВО СТРАНСТВО, РЕЧЕ АЛИУДиректорот на ФЗО, Сашо Клековски, министерот Алиу, директорката Петкоска-Спирова и д-р Талески на денешната прес-конференција на Кардиологија. (Фото: Министерство за здравство)

    На Клиниката за кардиологија е воведена нова процедура, аблација за коморна тахикардија и пациентите со сложени срцеви аритмии повеќе нема да бидат упатувани во странство, рече денеска министерот за здравство Азир Алиу.

    „Со воведувањето на новата процедура на Клиниката за кардиологија, овозможуваме пациентите со сложени срцеви аритмии да бидат згрижени и соодветно третирани во оваа врвна терциерна установа, без да има потреба да бидат упатувани во странство. Тимот од оваа клиника покажа дека во македонското здравство постои знаење, храброст и визија за врвни резултати. Ова е голем чекор напред за нашето здравство и потврда дека инвестицијата во знаење, технологија и човечки потенцијал овозможува врвни резултати“, рече Алиу.

    Директорката на Клиниката, д-р Даница Петкоска-Спирова рече дека ова претставува значаен чекор во развојот на електрофизиологијата и потврда за високата стручност и посветеност на тимот од Клиниката.

    „Со оваа процедура овозможуваме навремето и ефикасно лекување на пациентите со сите видови аритмии за кои досега дел од нив беа упатувани на третман во странство на товар на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО)“, рече Петкоска-Спирова.

    Доктор Јане Талески рече дека аблациите на коморните тахикардии претставуваат врвно достигнување во светот на кардиологијата и кажа дека на дел од пациентите со овој тип тахикардии им е загрозен животот.

    „Со оваа комплексна електрофизиолошка процедура која за првпат беше направена на Клиниката за кардиологија сега веќе со големо задоволство би кажале дека на нашата Клиника се работат сите видови на електрофизиолошки процедури и аблации. Во текот на изминатиот период создадовме тим лекари кои денес претставува една функционална единица претставена како тип аритмии кој денес е присутен тука. Наша цел е тој постојано да се проширува. Сето ова не би било возможно со поддршката на ФЗО и зголемувањето на условниот буџет за овој тип процедури. Од почетокот на минатата година до денес направивме близу 500 аблации од кои 60 проценти се комплексни срцеви аритмии“, рече д-р Талески.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира