Двојно е зголемен бројот на итни случаи на кои им се пружа медицинска помош во Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ во Скопје, откако десет дена се затворени хируршките сали во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, изјави денеска директорот на Клиниката д-р Љубен Арсенков, додавајќи дека кај нив примени се околу 170 итни пациенти од кои 150 се хируршки третирани.
„Просечно дневно околу 250 пациенти се прегледуваат само во Ургентната амбуланта и земајќи предвид дека во специјалистичките амбуланти дневно има околу 100 до 150 пациенти, значи бројка од околу 400 пациенти дневно кои во овој период гравитираат кон Клиниката. Заради ситуацијата на Клинички центар, се организиравме на начин што хроничните пациенти што се за операција, не ги примаме и оперираме само итни случаи. Така што, за овие десеттина дена, примени се некаде 170 итни пациенти, од кои кај 150 се направени хируршки интервенции. Зголемен е бројот, зголемен е и обемот на работа на персоналот. Се организираме засега и се надевам дека ќе продолжи натаму без поголеми реперкусии на третманот. Персоналот одговара на потребите, доаѓаат од дома, повеќе смени работат“, вели Арсенков.
Додава дека во овој период се зајакнати хируршките екипи и секојдневно има по двајца хирурзи за абдомен, трауматолози и неврохирург бидејќи неврохируршките пациенти се упатуваат на оваа Клника. Вели дека имаат доволно хирурзи, евентуално она за што можеби би требало да се размисли е инструментарките и останатиот помошен персонал од Клинички да се распредели во Градската општа болница (ГОБ) „8 Септември“ и во Клиниката „Св. Наум Охридски“.
Арсенков рече дека е исполнет речиси целиот болнички капацитет и дека се во постојана комуникација со „8 Септември“ со цел пациентите да ја добијат потребната нега.
„Секојдневно утринскиот состанок започнува со тоа колку празни кревети има. Дневно по 100 кревети во болничкиот дел и околу 16 во Интензивна нега, од пет до 10 кревети се слободни, речиси целиот болнички капацитет е исполнет. Ги пуштаме дома пациентите кои можеме порано да ги пуштиме, а оние пациенти кои после хируршката интервенција би останале неколку дена подолго зависно од нивната ситуација, ги закажуваме на контроли за да ослободиме кревети за евентуално итните пациенти. Навистина не знам до кога ова би било вака, меѓутоа се организираме и со колегите од Клинички центар и од ‘8 Септември’. Се слушаме со колегите пред да го упатат пациентот што дошол кај нив доколку нема место или нема специјалист за таа патологија да се упати кај нас. Тоа на мое огромно задоволство функционира и со дигестивна хирургија. Сега засега мислам дека функционира хирургијата. За жал, тоа што се случува таму не би знаел до кога би траело и сигурно ако продолжи ќе се исполнат капацитетите и можеби ќе треба да се размислува за активирање на некои центри од внатрешноста да можат овие случаи што вообичаено ги праќаат тука, да се третираат во матичните хируршки установи“, изјави Арсенков.
Министерот за здравство Илир Демири вчера кажа дека хируршките сали во скопскиот Клинички центар каде се шири смрдеа ќе останат затворени сѐ додека не стигнат резултатите од земените примероци од компресорите, кои се пратени во Германија и сѐ додека трае истрагата на Основното јавно обвинителство (ОЈО). Додаде дека не знае кога би стигнале резултатите од Германија.
Хируршките сали се затворени веќе поради хаварија на компресорскиот систем и како што кажа Демири, за итните случаи на скопските клиники се поставени 6 надворешни компресори, оти така не се чувствува непријатната миризба. Тие ќе послужат за итни неодложни интервенции кои се од покомплициран карактер на скопските клиники.
Пациентите за неврохируршки операции се праќаат во Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“, а останатите во Болницата „8 Септември“.