НА НИКОЛА САЗДОВСКИ МУ ПОБАРАЛЕ ЛИЧНА КАРТА, ПА ГО ПРЕТЕПАЛЕ ДО СМРТ, СТОИ ВО ОБВИНЕНИЕТО ЗА УБИСТВОТО ВО АВТОКОМАНДА

    НА НИКОЛА САЗДОВСКИ МУ ПОБАРАЛЕ ЛИЧНА КАРТА, ПА ГО ПРЕТЕПАЛЕ ДО СМРТ, СТОИ ВО ОБВИНЕНИЕТО ЗА УБИСТВОТО ВО АВТОКОМАНДАНавивачката група „Комити“ на 16 јули излезе на протестен марш со барање за, како што рекоа, правда за нивниот член Никола Саздовски-Саздо, кој беше претепан во населбата Автокоманда и подоцна почина од повредите. (Фото: К. Попов)

    Скопското јавно обвинителство денеска поднесе обвинение против двете притворени лица за убиството на свиреп начин припадникот на навивачката група „Комити“ Никола Саздовски-Саздо. Третиот напаѓач сè уште не е фатен, се бара со потерница.

    „Обвинетите на 29 јуни 2018 година околу 17.45 часот на Бул. Александар Македонски во Скопје, на автобуската постојка пред фабриката Алкалоид, му пристапиле на Саздовски и му побарале лична карта. Откако оштетениот им ја покажал личната карта, обвинетите заедно почнале да го удираат со боксови во главата и градите. Од силните удари Саздовски загубил рамнотежа, паднал на тротоарот, по што обвинетите без милост, истовремено, и со силни удари продолжиле со клоци да го удираат по главата и градите. Од ударите оштетениот добил тешки телесни повреди со конкретна опасност по животот и паднал во коматозна состојба.“, го опишува обвинителството свирепото повредување на Саздовски.

    Саздовски во бессознание бил пренесен во ургентниот центар при Клиничкиот центар Мајка Тереза. Истиот ден бил пренесен во Јавната здравствена установа Универзитетска клиника за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација и интензивно лекување и ургентен центар – Скопје, Одделение за анестезија и реанимација, каде на 3 јули 2018 година била констатирана мозочна смрт. Како резултата на здобиените повреди, стои во обвинението, на 9 јули 2018 година оштетениот починал.

    „Со поднесување на обвинителниот акт, надлежниот јавен обвинител од ОЈО Скопје предложи против двете обвинети лица да биде продолжена мерката притвор согласно член 165 став 1 точка 1 и 2 од Законот за кривична постапка, бидејќи ценеше дека постои опасност од бегство и постои оправдан страв дека во текот на кривичната постапка обвинетите ќе влијаат на сведоците. Против третото осомничено лице, за кое обвинителството исто така водеше истражна постапка за истото кривично дело како соизвршител заедно со двајцата сега обвинети, согласно член 300 од Законот за кривична постапка, надлежниот јавен обвинител донесе Наредба со која ја прекина истражната постапка. Имено, со оглед на тоа што трето осомничениот сè уште е недостапен на државните органи, за ова лице за кое е распишана домашна и меѓународна потерница, истражната постапка ќе продолжи во моментот кога ќе биде достапно на државните органи“, наведува обвинителството.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира