Во недостиг на официјални информации од надлежното јавно обвинителство во врска со предметот за “Нелегална набавка на софтвер” и определените мерки за обезбедување присуство за осомничениот Драги Рашковски, Основниот кривичен суд Скопје, откако го одби барањето на обвинителството да го врати во притвор, вели:
„Мерката за обезбедување присуство – Куќен притвор за осомничениот Д.Р. продолжена со решение на Кривичниот суд, а потврдeна од Апелациониот суд, опстојува БЕЗ дополнителна мерка за претпазливост – Забрана за комуникација со лица опфатени со кривично правниот настан или Забрана за употреба на средства за комуникација. Предлогот на Јавниот обвинител за замена на мерката куќен притвор во ефективен притвор е поднесен заради непочитување на конкретната мерка за претпазливост кој во критичниот период воопшто НЕ опстојува”, вели Судот дека Обвинителството за организиран криминал воопшто не знаело дека таква забрана нема за Рашковски.
А зошто нема таква забрана која е основна во вакви случаи кога осомничен оди во куќен притвор останува непознато. Поранешниот генерален секретар на Владата може и во истрага да си зборува со другите осомничени додека е во куќен притвор, да влијае врз докази, врз сведоци, зашто таква забрана судот тврди дека нема.
Притворот беше во постапка во Апелациониот суд Скопје и важат тие правила што се утврдени од овој суд. Но, нивната одлука за Рашковски не може да се најде на веб страната.
„Имајќи ги предвид овие околности, најпрвин судија на претходна постапка, а потоа и Кривичниот Совет, водејќи се исклучиво од Законските одредби без да навлегува во ценење на сомневањето на обвинителот дали навистина е прекршена мерка која впрочем воопшто не е определена, донесе решение со кое барањето на обвинителот го одби како неосновано. Со оглед да со донесеното решение Кривичниот совет го одби предлогот на Јавниот обвинител, а воедно не го укина односно не ја ни преиспитуваше можност за укинување на мерката – куќен притвор, судот согласно досегашната пракса, заинтересираните медиуми ги извести за донесената одлука на судот, а за причините поради кои Јавниот обвинител барал построга мерка ги упати да се обратат токму кај надлежниот обвинител”, соопшти судот.
С. К. ДЕЛЕВСКА