И НА СУДЕЊЕТО ЗА „ТРИСТА“ БОМБИТЕ ЌЕ СЕ КОРИСТАТ КАКО ДОКАЗИ

    И НА СУДЕЊЕТО ЗА „ТРИСТА“ БОМБИТЕ ЌЕ СЕ КОРИСТАТ КАКО ДОКАЗИСлучајот „Триста“ беше презентиран од СЈО на прес-конференција на 23 март. - Специјалните обвинителки Катица Јанева, Фатиме Фетаи и Ленче Ристоска (Фото: СДК.МК)

    Кривичниот совет на Апелациониот суд Скопје ја прифати жалбата на Специјалното јавно обвинителство и одлучи дека аудио записите од прислушуваните разговори може да се користат како доказ во предметната кривична постапка во случајот „Триста“, со што е преиначена одлуката на Основниот суд Скопје 1 Скопје со која што истиот доказ е издвоен од списите на предметот како доказ прибавен на незаконит начин, беше објавено денеска на Судскиот портал.

    „По одржана седница на 18.09.2017 година, а во врска со предметот познат во јавноста како „Триста“, оформен по поднесен обвинителен акт против обвинетиот Ѓ.П. од С, донесе одлука со која ја уважи жалбата наЈавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите Скопје и го преиначи обжаленото решение на Основниот суд Скопје 1 Скопје.

    Апелациониот суд Скопје со својата одлука мериторно одлучи и го одби предлогот на обвинетиот Ѓ.П. од С. содржан во неговиот приговор поднесен против обвинителниот акт, од списите на предметот да се издвои аудио запис од телефонски контакт, како доказ прибавен на незаконит начин, со образложение дека наведениот доказ – аудио запис од телефонски контакт претставува доказ прибавен на законит начин и како таков може да се користи како доказ во предметната кривична постапка, со што е преиначена одлуката на Основниот суд Скопје 1 Скопје со која истиот доказ е издвоен од списите на предметот како доказ прибавен на незаконит начин“, се вели во соопштението.

    Случајот „Триста“ беше презентиран од СЈО на прес-конференција на 23 март. Специјалната обвинителка Фатиме Фетаи кажа дека се работи за кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластувања, а постои основано сомнение дека е извршено од страна на помошникот министер во Министерството за внатрешни работи Ѓоко Поповски, во врска со јавна набавка што се однесува за 300 возила.

    Обвиненијата, меѓу кои и она за „Триста“, што ги поднесе Специјалното обвинителство на 29 јуни годинава, на последниот ден од рокот за поднесување, се доставени до обвинетите, потврди за САКАМДАКАЖАМ.МК в.д. претседателот на Основниот суд Скопје 1 Стојанче Рибарев на 15 септември. Се работи за 94 обвиненија против физички и за 7 обвиненија против правни лица, кои се доставувани на над 70 адреси. На прашање зошто на судската достава ѝ требаше цело лето да ги врачи обвиненијата од СЈО, Рибарев вели дека тоа е поради фактот што СЈО ги поднесе до Кривичниот суд непосредно пред летните одмори во судството, но и поради тоа што некои од адвокатите и обвинетите одбивале обвиненијата да ги примат.

    Сега следуваат приговорите против обвиненијата и жалбените постапки, па оценка, по што со нова распределба, ќе бидат распределени кај судечки судии, кои веднаш треба да закажат почетни судски рочишта по сите 17 обвиненија. Дел се за кривични дела од организиран криминал, дел за „редовен“, обичен криминал.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира