„Нарачуваат филери од ‘Али експрес’ и сами дома се боцкаат“, „Ни дојде пациентка со распаднат задник од вбризган филер“, „Козметичарка ѝ дала инструкции на пациентката сама дома да си стави половина доза од филерот“, се дел од искуствата на естетеските и пластични хирурзи кои ги споделија со новинарите на денешната прес-конференција.
Д-р Игор Пеев и д-р Анџелка Илиева од Здружението за естетска медицина (ЗЕМ) кажаа дека нивното Здружение, како и Македонската асоцијација на пластични, реконструктивни и естетски хирурзи МАПРЕКС и Здружението на дерматовенеролози на Македонија апелираат дека во земјава има несоодветна примена на член 33 и 35 од Законот за јавно здравје и поднеле барања да се сретнат со министерот за здравство Арбен Таравари и со претседателката на Комисијата за здравство во Собранието, Рашела Мизрахи, со цел да се спречат штетни последици по здравјето на граѓаните.
„Естетската медицина е единствена гранка во медицината во која пациентот е здрав и доаѓа доброволно на лекар. И не е во ред од пациент со нормален изглед да си замине со проблеми. На Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија доаѓаат пациентки со последици, откако си ставиле сами филери од ‘Али експрес’ или се боцкаат по маалски козметички салони“, рече д-р Пеев.
Д-р Илиева вели дека хијалуронски филер е медицинско помагало еднакво на стент во кардиохирургијата и затоа секое негово користење од немедицинско лице и во нестерилни услови се смета за надрилекарство.
„Јас сум специјалист доктор, па сама на себе не се усудувам да си ставам филер“, кажа таа.
Членот 33 од Законот за јавно здравје гласи: Традиционална и комплементарна медицина, тетовирање, пирсинг, трајна шминка, акупунктура и активности за нега разубавување, а под активности со кои се продира во кожата, велат докторите во писмото до институциите, се подразбираат медицински процедури кои се вршат во длабоките слоеви на кожата, со медицински средства кои бараат стручна лекарска подготвеност, односно истите смее да ги извршува само доктор дерматолог или пластичен хирург во здравствени установи, а не и козметичари во простории и салони за убавина.
„Бидејќи став 1 од член 33 несреќно содржи термини како активности со кои се продира во кожата (тетовирање, пирсинг, трајна шминка и акупунктура, употреба и користење на ботокс, нехируршка липосукција и користење на ласер), а кои активности поврзани со употреба на медицинските средства спаѓаат исклучиво во областа на медицината, ние како доктори специјалисти секојдневно се сретнуваме со безброј компликаци предизвикани кај пациентите од страна на козметичарите преку нестручно вршење на тие активности со кои се продира во кожата, извршени при нестерилни услови, со нестерилни инструменти и крајно, со непознат извор на набавка на сите тие медицински средства со непознато потекло“, стои меѓудругото во писмото од трите здруженија.
Докторите се децидни дека е потребно овие медицински интервенции да се извршуваат само во здравствени установи од приватна и јавна служба од едуцирани лекари.
Д-р Пеев кажа дека барањето за средба со Таравари и со Мизрахи ги испратиле пред десет дена и дека очекуваат да бидат повикани на средби.
Б. НЕСТОРОСКА