Министерството за внатрешни работи (МВР), од 30 институции на кои Народниот правобранител им упатил прашања, избројало 130 деца-корисници на дрога, за 2023 и половина од 2024 година.
Најмалото евидентирано дете во Македонија кое зема дрога, е под 5-годишна возраст, соопшти денеска Васка Бајрамовска-Мустафа која го раководи Одделот за правата на децата кај Омбудсманот.
Таа презентираше многу загрижувачки бројки според кои, се намалува долната граница на децата кои користат и нудат дроги.
„Првата употреба се спушти на многу мала возраст“, констатира Бајрамовска-Мустафа, презентирајќи го истражувањето кое за употребата на дрога кај децата се прави само вторпат (по тоа во 2018 година).
Од она што таа го презентираше, голема е бројката на сѐ помалите деца кои земаат дрога (најчесто марихуана, амфетамини, екстази, но и кокаин и хероин), а истовремено Македонија нема ниту една специјална институција за лекување, одвикнување, третман и помош на деца кои конзумираат дрога и психотропни супстанции.
„Според податоците добиени од Воспитно-поправниот дом ‘Тетово’ во Волковија, таму на воспитни мерки се и деца и младинци кои се зависници од дрога. Има и такви со хероин на фолија. Од ВП домот ни одговорија дека практично таму и нема процес на одвикнување. Вработените немаат ни обука за такво нешто. Децата-зависници се ‘одвикнуваат’ во кругот на Домот со спортски активности“, кажува Бајрамовска-Мустафа колку е страшна состојбата со децата-зависници оставени генерално сами на себе во оваа држава.
На новинарско прашање, Бајрамовска-Мустафа одговори дека во Домот за штитеници, не смее да се дава метадонска терапија, како на зависниците во затворите за полнолетни лица, па оттаму никој не знае како персоналот се справува со спортски активности за време на тешките кризи за дрога што таму ги доживуваат децата-зависници упатени на воспитно-поправни мерки во затворен систем.
Дури и кога дете застапувано од старатели или невладини организации ќе добие пресуда пред Граѓански суд за дискриминација и за повреда на правото на третман и лекување на деца кои користат дроги и други психоактивни супстанции, Министерството за здравство не ја спроведува пресудата, што е кривично дело.
Таков е случајот со пресудата П4 бр.884/21, од јануари 2022 година, чии мерки до ден-денес како што кажа Бајрамовска-Мустафа, Министерството за здравство не ги спроведува.
Сѐ уште нема превенција и рано откривање на деца-корисници на дроги, нема центри за рехабилитација, нема дури ни во Универзитетската клиника (Детска клиника), граѓанскиот сектор кој е најприсутен на терен секогаш и за кој било проблем, не е вклучен во оваа тема, институциите не комуницираат меѓу себе и не водат статистика за децата-зависници.
На овој проблем во Македонија засега се посветени само Европската унија и Народниот правобранител. ЕУ го финансираше ова истражување, а резултатите треба да им бидат доставени на Министерството за здравство, за Труд и социјала, на центрите за социјална работа, на Детската клиника и здравствените институции, на МВР и на Министерството за правда.
Анализата покажала дека во 2023 година најмногу деца кои користат дрога биле Албанци, а во 2024 година Македонци.
С. К. ДЕЛЕВСКА