Најмладиот пациент кој оди на дијализа има три години, а најстариот околу 90 години, рече денеска Павлинка Балиска, психолог и координатор во Здружението на бубрежно болни граѓани „Нефрон“ на одбележувањето на Светскиот ден на бубрегот.
Од Здружението рекоа дека овој месец, со помош на здравствените установи и центрите за дијализа, низ целата држава се спроведуваат акции за подигнување на свеста за грижата за бубрежното здравје и преку едукација и организирани мерења на шеќерот во крвта и крвниот притисок и делење медицински совети, бесплатно ќе им се овозможи на голем број граѓани навремено да ги откријат, но и да превенираат и спречат бубрежни болести.
Од „Нефрон“ велат дека постојат 20 години и имаат 1.500 членови пациенти на дијализа и 240 со трансплантиран бубрег.
„Терминалниот стадиум на хроничната бубрежна болест е тешка состојба, бара континуирано лекување и нега. Оваа состојба одредува посебен начин на живот, со многу одрекувања, со постојани третмани кои траат 4-5 часа секој втор ден во центар за дијализа. Сепак, дијализата го продолжува животот, а трансплантацијата наполно го променува, рече меѓу другото“, вели Душко Ѓоргиев, претседател на Здружението.
„Иако Клиниката за нефрологија е во секојдневен директен контакт со пациентите на коишто им е неопходен нефролошки третман, сепак пораката што денеска ја испраќаме е дека се задолжителни и понатамошни активности за уште подобра здравствена услуга на пациентите со бубрежна болест“, рече Вулнет Мемеди од Клиниката за нефрологија.