НАЈПОВОЛНОТО СЦЕНАРИО Е СО 700 МИЛИОНИ ЕВРА ПОГОЛЕМА ДУПКА ВО БУЏЕТОТ, А НАЈНЕПОВОЛНОТО СО 1,3 МИЛИЈАРДИ ЕВРА, КАЖА МИНИСТЕРКАТА НИНА АНГЕЛОВСКА

    НАЈПОВОЛНОТО СЦЕНАРИО Е СО 700 МИЛИОНИ ЕВРА ПОГОЛЕМА ДУПКА ВО БУЏЕТОТ, А НАЈНЕПОВОЛНОТО СО 1,3 МИЛИЈАРДИ ЕВРА, КАЖА МИНИСТЕРКАТА НИНА АНГЕЛОВСКАКако што кажа министерката за финансии Нина Ангеловска на денешната прес-конференција, во министерството за финансии имаат три сценарија за падот на приходите: поволно, неповолно и најнеповолно. Во сите три сценарија, расходната страна на буџетот се очекува да се реализира речиси целосно - 98%. (Фото: Влада)

    Министерката за финансии Нина Ангеловска кажа дека разгледуваат три сценарија за зголемување на дефицитот во буџетот за 2020 година, кој при носењето беше проектиран на 300 милиони евра. Буџетот е проектиран со 3,6 милијарди евра на приходната страна и 3,9 милијарди евра на расходната страна, но поради кризата предизвикана од епидемијата на коронавирус, овие проекции веќе не важат.

    Како што кажа Ангеловска на денешната прес-конференција, во министерството за финансии имаат три сценарија за падот на приходите: поволно, неповолно и најнеповолно. Во сите три сценарија, расходната страна се очекува да се реализира речиси целосно – 98%.

    Според поволното сценарио, се очекува пад на приходите од 20%, што би значело намалување од 700 милиони евра. Според неповолното сценарио, падот на приходите би бил 30%, а дефицитот би се зголемил за милијарда евра и според најнеповолното сценарио, падот на приходите би изнесувал 40%, што е намалување од 1,3 милијарди евра.

    Ангеловска кажа дека од почетокот на кризата, државата има остар пад на приходите од околу 25% на дневно ниво. Во март, падот на приходите е 11%, и тоа пад на приходите од ДДВ од 17% и пад на приходите од акцизи и данок на добивка од 11%. Таа напомена дека треба да се има предвид дека одредени компании однапред го платија данокот на добивка за да помогнат во справување со кризата.

    Ангеловска очекува најтежок да биде вториот квартал (април, мај, јуни), но неизвесно и е за третиот и четвртиот квартал и тоа зависи од кога би почнало закрепнувањето.

    Ангеловска кажа дека за секое сценарио предвидуваат финансирање и во постапка е обезбедување средства од ММФ, Светската банка, како и од т.н. заем до обврзница, бидејќи се планира издавање еврообврзница од 600 милиони евра. Сепак, таа вели дека треба да се има предвид непредвидливоста на пазарите на капитал, бидејќи станува збор за глобална криза.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира