НАМАЛЕНИ КАЗНИТЕ ЗА БОКИ 13 И ОСТАНАТИТЕ ОБВИНЕТИ ВО ПОВТОРЕНАТА ПОСТАПКА ЗА „МЕЃУНАРОДЕН СОЈУЗ“, НАМЕСТО ДЕВЕТ, ПЕТ ГОДИНИ ЗАТВОР ЗА ЈОВАНОВСКИ

    НАМАЛЕНИ КАЗНИТЕ ЗА БОКИ 13 И ОСТАНАТИТЕ ОБВИНЕТИ ВО ПОВТОРЕНАТА ПОСТАПКА ЗА „МЕЃУНАРОДЕН СОЈУЗ“, НАМЕСТО ДЕВЕТ, ПЕТ ГОДИНИ ЗАТВОР ЗА ЈОВАНОВСКИВо април 2024 година, Апелациониот суд во Скопје ја укина првичната пресуда по жалбите на обвинетите и го врати предметот на повторно судење. (Фото: СДК.МК)

    Основниот кривичен суд Скопје денеска изрече помали казни во повторената постапка за случајот „Меѓународен сојуз“. Со новата првостепена пресуда, Бојан Јовановски – Боки 13 е осуден на единствена казна затвор од пет години за кривичните дела Измама и Перење пари, што е намалување од првичните девет години.

    Обвинетата Јасна Ерцеговиќ доби казна затвор од две години за Перење пари, во која ќе ѝ се засмета и времето поминато во куќен притвор. За истото дело, Христина Блажевска и таткото на Бојан, Миле Јовановски, добија условни казни. Блажевска е осудена на условна казна затвор од една година, а Јовановски на една година и шест месеци, кои нема да се извршат доколку во наредните три години не сторат ново кривично дело.

    Паричната казна за правното лице „Меѓународен сојуз“ останува еден милион денари.

    Првичната првостепена пресуда, донесена во април 2022 година, предвидуваше вкупно 14 години затвор. Тогаш Јовановски беше осуден на девет, а Ерцеговиќ на четири години затвор.

    Во април 2024 година, Апелациониот суд во Скопје ја укина пресудата по жалбите на обвинетите и го врати предметот на повторно судење. Апелација тогаш ја потврди ослободителната пресуда за поранешната пратеничка Фросина Ташевска Ременски за делото Измама и ја преиначи казната за Миле Јовановски, осудувајќи го на една година затвор за Неовластено тргување со оружје.

    Случајот „Меѓународен сојуз“ се однесува на злоупотреби преку истоимената невладина организација, каде што, според обвинението, од бизнисмени биле измамени средства за наводна изградба на социјални проекти и домови за стари лица.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира