НАМЕСТО НА ШАЛТЕР, ЗА ДОКУМЕНТИ ЌЕ МОЖЕ ДА СЕ ПЛАЌА ПРЕКУ ЕЛЕКТРОНСКИ КИОСЦИ КОИ ЌЕ СЕ ПОСТАВАТ НИЗ ДРЖАВАТА, РЕЧЕ МИНИСТЕРОТ АНДОНОВСКИ

    НАМЕСТО НА ШАЛТЕР, ЗА ДОКУМЕНТИ ЌЕ МОЖЕ ДА СЕ ПЛАЌА ПРЕКУ ЕЛЕКТРОНСКИ КИОСЦИ КОИ ЌЕ СЕ ПОСТАВАТ НИЗ ДРЖАВАТА, РЕЧЕ МИНИСТЕРОТ АНДОНОВСКИТерминалите ќе бидат поставени на фреквентни локации низ државата и да бидат достапни 24/7, со јасно воден процес и визуелни инструкции, прилагодени и за граѓани со пониско ниво на дигитални вештини. (Фото: МДТ)

    Наместо на шалтери ,граѓаните ќе можат плаќањата да ги вршат преку електронски киосци, рече министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, кој денеска го промовираше новиот начин за плаќање, како дел од програмата за дигиталната трансформација. Терминалите ќе бидат поставени на фреквентни локации низ државата и да бидат достапни 24/7, со јасно воден процес и визуелни инструкции, прилагодени и за граѓани со пониско ниво на дигитални вештини.

    „Преку е-киоск, граѓаните ќе можат да се идентификуваат со лична карта или пасош, да изберат услуга, да извршат плаќање и да го добијат документот веднаш испечатен на самиот терминал. Терминалите се особено значајни за рурални средини, повозрасни лица, граѓани без постојан интернет-пристап и општини со ограничени административни капацитети“, рече министерот Андоновски.

    Министерството за дигитална трансформација го промовираше и е-сандачето како канал за комуникација меѓу институциите и граѓаните. Станува збор за централизирано место за прием на службени документи, решенија, известувања и други акти со доказ за прием.

    Досега повеќе од 40 институции го користат националниот Документ менаџмент систем (ДМС), како дел од процесот на дигитализација на институциите и општините и унапредување на квалитетот на јавните услуги за граѓаните.

    Според податоците што ги објави министерот за само четири месеци двојно е зголемен бројот на институции што користат електронска архива и електронски систем за управување со документи. Истовремено, преку државната платформа за интероперабилност, во ноември се реализирани 2,6 милиони трансакции, што претставува значително зголемување во однос на просекот во 2024 година.

    „За 20 отсто е зголемен бројот на институции и компании приклучени на платформата за интероперабилност, што директно влијае на намалување на административните бариери и потребата граѓаните да доставуваат документи ‘од шалтер на шалтер’. Овие бројки значат помалку хартија, помалку чекање и помалку простор за корупција“, рече Андоновски.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира