Поранешниот министер за надворешни работи Никола Димитров денеска додека се движел со син му од пазарење, непознато лице го нападнало од задгрб, удирајќи го со нога во долниот дел на половината.
„Напаѓачот го удрил Димитров, му се заканил и заминал. Тој отишол со синот во колата, па пријавил во најблиската полициска станица во Ѓорче Петров. Таму бил извршен разговор, го опишал напаѓачот. По непознатиот напаѓач се трага“, ни рекоа вечерва од МВР.
Димитров за нападот објави на социјалните мрежи. Напиша дека е добро, инцидентот не сака да го коментира и ги остава работата да си ја бркаат органите на редот, ама според него, очигледно не е добра македонската демократија и тоа заслужува коментар.
„Утрово додека нешто пазарев имав непријатна случка со човек кој ни го знам ни го познавам, а кој ме нападна со агресија и закани. Не знам точно зошто, оти не кажа, веројатно политички, а јас политички сум толку свој што може од сите страни да бил инспириран. Шегата настрана, ние сме јавни личности, ние мораме да имаме повисок праг на толеранција на критика и да сме свесни дека не сите граѓани ќе ја почитуваат или ќе се задоволни од нашата работа. Но, во моментот кога таа критика е изблик на вербална или физичка агресија, мора да се реагира. Должност е да се реагира. Затоа и случајот уредно го пријавив“, вели физички нападнатиот Никола Димитров.
Тој предупредува дека секојдневно гледаме како просто извира омраза од партиите, од ботовите, од медиумите и оти ни е болно општеството кога насилници и силеџии сред бел ден може да се закануваат и да се силат.
Потсетува на насилниците кои викендов дивееле и напаѓале среде Центар на улица Македонија, потоа на секојдневните тепачки, пресметки, па дури и убиства, на тоа дека по училиштата имаме страшни случаи на булинг и меѓуврсничко насилство.
„Додека чекав во полициската станица, две жени дојдоа извадени од памет, да пријават обид за грабнување на дете. Не знам како се разви случајот и што точно полицијата утврди, но самиот момент дека некој се сомнева оти детето пробале да му го грабнат сред бел ден зборува многу и беше крајно вознемирувачки да се сведочи на тоа. Во атмосфера на неказнивост и немање на ред страдаат сите граѓани. Дивеење, некултура, агресија… во сообраќај, по молови, во училишта, во болници… ова е недозволиво и итно мора да се стави крај“, пишува Димитров.
Тој вели дека мора да има одговорност и ред и оти вака веќе не може.
„Мора да сме и подобри и позрели од ова, пријатели, инаку сите ќе се удавиме во примитивизам. Прашањето ќе биде само кој ќе биде прв“, вели тој.
С. К. ДЕЛЕВСКА