Новинарот на телевизијата 24 Христијан Баневски бил удрен со дршка од знаме по тилот од главата за време на денешниот протест на „За заедничка Македонија“, потврдија од ТВ 24.
„Екипата на Телевизија 24 вечерва повторно беше нападната од страна на демонстрантите на маршот „За заедничка Македонија“. Колегата Христијан Баневски првично бил вербално нападнат, на што од организаторите било кажано дека е ненамерно, особено при обидот за физички напад, за потоа, откако снимал инсерти да биде удрен со стап од знаме по тилот од главата, по што од страна на организаторот му било кажано дека човекот што го веел знамето, не знаел како се вее!“, објави новинарот на ТВ 24 Огнен Јанески на Фејсбук.
Ова е втор напад на новинари на протестите на „За заедничка Македонија“, откако на 28 февруари беше натепана новинарската екипа на порталот „А1он“.