Да не се отвореа вратите од Собранието, ништо немаше да се случи, рече обвинетиот Влатко Трајковски во своите завршни зборови на судењето за организираниот напад на Собранието на 27 април 2017.
Тој рече дека e меѓу обвинетите во овој случај само затоа што се нашол на погрешно место во погрешно време.
„Вратите на Собранието ги отворија Крсто Мукоски и Сашо Василевски, кои сега се амнестирани. Наредбата да се отворат вратите сите знаеме чија беше, на тој што нарачуваше полици за во село”, рече Трајковски, мислејќи на тогашниот претседавач на Собранието Трајко Вељановски, кој вчера беше приведен во истрагата на Обвинителството за организаторите за нападот на Собранието. Потоа беше пуштен да си оди од судот затоа што го штити пратеничкиот имунитет.
При распитот на Трајко Вељаноски во својство на сведок на 11 декември минатата година, кога судијката Добрила Кацарска го праша поранешниот претседател на Собранието за што се допишувал со смс и вибер пораки на 27 април во 15.30 со неговото лично обезбедување Горан Ѓошевски и кој е Душко што се споменува во комуникацијата, Вељаноски одговори: „Душко за рафтови и полици што требаше да ги прави за во село“.
На тој одговор судијката праша: „На 27 април како претседавач на Собранието, во таква зовриена состојба, вие зборите за рафтови и полици?“, а Вељаноски одговори: „Да“.
Судењето е во тек. Денеска завршни зборови ќе даде и обвинетиот Александар Василевски-Нинџа, кој во својата одбрана прв посочи дека нападот на Собранието се раководел од штабот на ВМРО-ДПМНЕ и ги посочи вчера притворените Миле Јанакиески и Спире Ристовски меѓу оние кои го координирале нападот.
А. АНТЕВСКА