НАРКОЗАВИСНИЦИТЕ ВО ЗАТВОР СЕ ОСТАВААТ КРИЗИТЕ ДА ГИ ПОМИНАТ САМИ, ЛАНИ 15 ОБИДИ ЗА САМОУБИСТВО, ЕДЕН ТРАГИЧЕН

    НАРКОЗАВИСНИЦИТЕ ВО ЗАТВОР СЕ ОСТАВААТ КРИЗИТЕ ДА ГИ ПОМИНАТ САМИ, ЛАНИ 15 ОБИДИ ЗА САМОУБИСТВО, ЕДЕН ТРАГИЧЕНВо Затворот Струмица, пак, не ни има лекар. Ни медицинска сестра. Терапијата ја дели затворската полиција. - Народниот правобранител Насер Зибери (Фото: СДК.МК)

    Затворите се полни со наркозависници кои зашто се препуштени сами на себе бараат начин да се самоубијат. Во апстиненцијална криза тие поради недостиг на лекар, психијатар и медицински тимови, се оставаат сами во ќелија да ја пребродат.

    Пребродувањето“ на кризата најчесто овие лица го прават со самоповредување и обиди, но и со самоубиства, предупреди Народниот правобранител Насер Зибери, и самиот загрижен од затекнатите состојби во затворите и притворските одделенија во Македонија.

    Не ги тепаат, не ги врзуваат како што прашувате лицата лишени од слобода кога се во апстиненцијална криза, но ги оставаат сами во ќелија да се снајдат. Тогаш се самоповредуваат и бараат начин да се убијат“, вели заменичката-омбудсман Васка Бајрамовска-Мустафа.

    При ненајавените и изненадни посети на Националниот-превентивен механизам во 10 затвори минатата година, тимот утврдил дека од вкупно 2.118 осудени/притворени лица, 476 лица се со нарушување од употреба на супстанци/дроги. Само во охридскиот и во гевгелискиот затвор нема осудени/притворени лица нарко-зависници.

    Тимот на НПМ констатирал дека ангажираниот медицински персонал во повеќето посетени казнено-поправни установи не е во можност да обезбеди соодветно ниво на медицинска грижа за овие затвореници.

    „Сериозно загрижувачка е состојбата во Затворот Куманово каде што постои висок процент на лица со нарушувања предизвикани од употреба на супстанци/дроги во однос на целокупната затвореничка популација во Установата (35,5% од осудени лица и 65% од вкупниот број притворени лица), а медицинскиот персонал се состои од само 1 медицински техничар, вработен во Здравствен дом Куманово, којшто работи само прва смена во работните денови, а 2 пати неделно. На затворениците не им се укажува грижа во периодите на апстиненцијална криза, ниту пак имаат соодветна психосоцијална поддршка (советување, едукација, психотерапија), и, како што самите истакнаа, само биле туркани во соба со сила“, кажа дeнеска Зибери.

    Телесните болести се третираат, но не и менталните растројства, односно ако некој на пример има жолтица или туберкулоза го носат во болница, додека оние со психички нарушувања немаат можност за редовни прегледи од страна на психијатар.

    Во ситуации кога некој е фатен со дрога или илегално набавен лек, тој се санкционира со мерка самица, а пред извршувањето на оваа санкција нема претходен преглед од психијатар.

    Во КПД Идризово дури 62% од женската осуденичка популација е со нарушувања предизвикани од употреба на супстанци/дрога (28 од 45 женски осудени лица), додека кај машките, од 1.005 осудени лица во установата, 270 се со вакви нарушувања (27%).

    Во „Идризово“ има и еден психијатар ангажиран само 8 часа неделно. Докторката таму е оставена со голем број на пациенти и сама да го носи товаротво врска со здравствените потреби на осудените лица, вклучително и на лицата зависници од дрога.

    „Аларамантно е сознанието дека медицинскиот техничар иако е свесен дека не смее да става инјекции и да издава лекови, тоа го прави, со образложение дека има притисок од зависниците. Исто така, при делењето на терапијата, ако некое лице бара му издава лекoви во дози различни од оние што се препишани, а за да се ослободи од одговорност, бара од затвореникот да се потпише дека тој тоа го прави на своја одговорност“, зборуваше Зибери за тоталната здравствена негрижа во затворите, што е законска обврска на Министерството за здравство.

    Во Затворот Тетово дури 1/3 од осудените лица се со нарушувања предизвикани од употреба на супстанци/дроги, а медицинскиот персонал во Установата го сочинува само еден лекар по општа медицина, вработен во Здравствен дом Тетово. Во КПД Струга тимот на НП Механизам не успеал да обави разговор со лекарот поради наводна негова презафатеност со работни обврски.

    Во Затворот Струмица, пак, не ни има лекар. Ни медицинска сестра. Терапијата ја дели затворската полиција.

    15 обиди за самоубиство на затвореници зависници од дрога се регистрирани во 2020 година, од нив еден за жал успеал да се самоубие.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира