Од 15 мај годинава во оптек ќе бидат пуштени книжни пари изработени од полимер, во апоени од 10 и 50 денари, соопшти Народна Банка на Македонија (НБРМ). Ова е одлучено на денешната редовна седница на Советот на НБРМ.
„Истовремено донесовме одлука за повлекување од оптек на книжните пари во апоени од 10 и 50 денари, кои се во оптек од 8 септември 1996 година, а се употребуваат и во моментов. Согласно со оваа одлука, на денот кога ќе бидат пуштени во оптек книжните пари во апоени од 10 и 50 денари, изработени од полимер, книжните пари со истата апоенска вредност, коишто се во оптек од септември 1996 година престануваат да бидат законско средство за плаќање“, велат од НБРМ.
Од НБРМ велат дека луѓето и фирмите книжните пари од 1996 година ќе можат бесплатно да ги заменат со други книжни и ковани пари со еквивалентен износ од 15 мај годинава до 15 мај следната година.
„Замената на книжните пари ќе ја вршат деловните банки, а по овој период, замената ќе се врши во Народната банка.
Од 15 април годинава НБРМ ќе пушти во оптек ковани пари во апоен од 2 денари, со ознака на ковање „2018“. Во готовинскиот платен промет паралелно ќе важат и кованите пари во апоен од 2 денари издадени претходно.
„Од 2 мај годинава ќе бидат пуштени во оптек и книжни пари во апоен од 100 денари, со ознака за печатење ’МАЈ 2018‘, по што во важност ќе бидат, паралелно, и книжните пари со истата апоенска вредност издадени досега“, велат од НБРМ.