Христијан Пендиков, секретарот на охридскиот клуб именуван по бугарскиот цар од времето на фашистичката окупација на Македонија, ќе добие бугарско државјанство, a бугарското министерство за надворешни работи ќе му обезбеди живеалиште во Софија и парична помош, кажа бугарскиот министер за надворешни работи Николај Милков.
Пендиков, против кого во Македонија има кривична пријава откако при претрес му беше најден кокаин, ќе добие и лично обезбедување од бугарската полиција.
„Претстои и негова средба со министерот за внатрешни работи Демерџиев на која што ќе се утврди во каков степен му е потребно обезбедување на наша територија за да не стане жртва на провокации’, кажа Милков.
Охриѓанецот неодамна беше пуштен од болницата во Софија, каде што беше однесен на лекување со бугарски владин авион по тепачката во Охрид на 19 јануари.
Едно лице е притворено за тепачката, а министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на 27 јануари кажа дека „луѓе од иста групација се и оние кои тепаат и оние кои се тепани“ и дека тепачката во Охрид е дел од хибридна војна против Македонија.