Досегашниот заменик министер, Назим Буши од ДУИ, ќе раководи со Министерството за внатрешни работи, откако вчера му истече мандатот на техничкиот министер, Панче Тошковски од ВМРО-ДПМНЕ. Мандатот на техничките министри и дополнителни заменици министри истекува на денот кога Државната изборна комисија ќе ги објави конечните резултати од Парламентарните избори, а тоа се случи вчера.
„Мојот мандат како министер за внатрешни работи во преодната Влада за спроведување на избори на пратеници официјално заврши, а согласно Законот за Влада досегашниот заменик министер за внатрешни работи, Назим Буши ја презема надлежноста, односно ќе ја врши функцијата министер за внатрешни работи до избор на нова влада“, кажа Тошковски.
Мандатот му заврши и на техничкиот министер за труд и социјална политика Ѓоко Велковски, а со министерството до избор на нова влада ќе раководи досегашниот заменик министер Енвер Хусејин.