Народната банка на Македонија (НБРМ) нема надлежност да истражува дали има и македонски граѓани кои имале или користеле офшор компании за даночни затајувања споменати во Панамските документи што беа објавени вчера, но е подготвена да помага ако има истрага, изјави НБРМ за САКАМДАКАЖАМ.МК.
„Согласно законот, НБРМ нема директна надлежност за контрола на индивидуалните сметки на граганите како дома така и во странство. Сепак, НБРМ е подготвена во целост ке ги стави своите искуства и капацитети на располагање, доколку тоа биде побарано од било која домашна институција овластена да ги истражува истите“, се вели во изјавата на Кабинетот на Гувернерот Димитар Богов.
До Агенција за финансиско разузнавање која е надлежна за да покрене истрага се обративме со прашањето: „Повеќе земји започнаа истраги дали и колку нивни резиденти се вклучени во шемите за криење пари, откриени со Панамските документи. Дали почнавте истрага дали има и македонски граѓани кои имале или користеле оф шор компании споменати во Панамските документи?“
Од Агенцијата не кажаа дали ќе ги побараат документите како што тоа го сторија други земји, но велат дека ако има сознанија ќе ги преземат неопходните мерки. „Во врска со објавувањето на написи и текстови на медиуми поврзани со “Панама документи” , и покрај можните сомневања не може по автоматизам да се заклучи дека се работи за нелегални активности. Доколку има сознанија за евентуални нелегални активности секако дека државните институции ке ги превземат сите неопходни чекори во рамки на своите законски можности. Република Македонија како членка на Манивал комитетот при Совет на Европа и Едмонт групата за борба против перење пари и финансирање на тероризам ги применува сите меѓународни стандарди и превзема превентивни мерки за спречување на злоупотреба на правните лица за целите на перење пари“, велат во Агенцијата за финансиско разузнавање.
И Управата за јавни приходи (УЈП) ни изјави дека е подготвена да соработува при евентуална истражна постапка.
„Надлежностите на УЈП генерално се однесуваат на водење на постапки на утврдување на и наплата на данок. УЈП нема надлежност да води истраги. Доколку се покрене било каква истражна постапка, УЈП секако соработува со надлежните органи во однос на обезбедување на материјали и информации по службена должност,“ ни изјави УЈП.
Протекувањето на огромен број документи за офшор компании во Панама откри финансиски тајни на голем број политичари, ѕвезди и криминалци. Тие долго време, преку адвокатската канцеларија Мосак Фонсека, криеле финансиски сметки и друго богатство. Даночните власти во Австралија и во Нов Зеланд почнаа истрага на локалните клиенти кои имале бизнис со компанија во Панама, откако вчера излегоа 11,5 милиони документи од Мосак Фонеска. Австралиските даночни власти соопштија дека ќе истражуваат повеќе од 800 богати клиенти на адвокатската канцеларија. Франција, Италија, Австрија, Холандија исто така најавија истраги. Истрага најави и Британија, каде документите покажаа дека офшор сметки имале и покојниот татко на премиерот Дејвид Камерон, Ијан, и уште неколку пратеници во парламентот.
Во документите со кои располагаат 107 медиуми во 78 земји, меѓу нив и германските „Зидојче цајтунг“, НДР и ВДР, „Гардијан“ и Би-Би-Си, се појавуваат имиња на милијардери, политичари, спортисти, трговци со оружје, шпиони и измамници. Меѓу другите, офшор компании има на имиња на блиски соработници на рускиот претседател Владимир Путин и на украинскиот рпетседател Петро Порошенко, исландскиот премиер кој се соочува со гласање доверба во парламентот, аргентинскиот претседател Маурисио Макри, зетот на кинескиот премиер Си Ѓинпинг. Вкупно 12 сегашни или бивши лидери на земји и 60 луѓе поврзани со нив се спомнуваат во Панамските документи. Меѓу нив е и најдобриот фудбалер на светот Лионел Меси и сегашни и бивши функционери на ФИФА.