Премиерот Зоран Заев рече дека работата на автопатите Кичево-Охрид и Миладиновци-Штип морала да биде прекината, бидејќи во спротивно, како што кажа тој, тоа би било продолжување на криминалот на претходната власт.
„Не може Владата да продолжува бандитски работи на автопатите, мораше да се прекине работата. Во спротивно, тоа би било продолжување на криминал од наша страна“, рече премиерот Зоран Заев на денешната седница за избор на заменици министри во Владата.
Заев зборуваше за автопатиштата што ги гради кинеската компанија „Синохидро“, откако пратеници од опозициската ВМРО-ДПМНЕ му забележаа зошто ги прекинал градежните активности на автопатите.
Тој кажа дека за да не пропаднат договорените провизии, се почнало и без решени имотно правни односи. Не може, рече, ни тоа да се дозволи. Цела траса е промашена, кажа Заев.
С. К. ДЕЛЕВСКА